4 март 2026 (МИА)
1193.- Умрел арапскиот државник и војсководец Саладин, султан на Египет и Сирија, основач на династијата Ејубида, кој во 1187 година ги поразил крстосниците кај Хатин и освоил голем дел од Сирија и Палестина со Ерусалим. Саладин до ден денешен останал митска личност на арапската историја и култура. Според етничкото потекло Саладин не бил Арап, туку Курд.
1461.- Во англиската „Војна на ружите“ Едвард од Јорк го презел престолот како крал Едвард Четврти.
1678.- Роден е италијанскиот композитор и виолински виртуоз Антонио Вивалди. Бил свештено лице и типичен претставник на барокниот дух. Најпознато дело му е „Четири годишни времиња“, како и низа концерти за виолина, флејта и фагот.
1789.- Во Њујорк бил свикан првиот Конгрес на САД.
1801.- Томас Џеферсон станал првиот претседател на САД инаугуриран во новиот главен град Вашингтон.
1832.- Умрел францускиот ориенталист Жан Франсоа Шамполион, основач на египтологијата.
1942 - Бугарската полиција на 4 март 1942 во Софија го уапси поетот и револуционер Никола Јонков Вапцаров, кој по четиримесечно измачување е стрелан на гарнизонското стрелиште во Софија, заедно со писателот Антон Попов, со кого биле блиски пријатели и соработници. Вапцаров бил поет, есеист, новинар и револуционер и еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија (1938-1941). Роден е на 7 декември 1909 година во Банско, во Пиринска Македонија, каде го минал и детството.
1852.- Во Москва умрел Николај Василевич Гогољ, руски писател, хуморист и сатиричар, татко на руската реалистична школа. Негови најпознати дела се „Вечери на чифликот кај Диканка“, „Миргород“, „Тарас Буљба“, „Петроградски раскази“, „Мртви души“, „Ревизор“ и „Женидба“. Роден бил во Сорочинци, Полтава, на 31 март 1809 година.
1881.-Роден е Тодор Александров (Ново Село, Струмичко, 4. III 1881 – с. Сугарево, Мелничко, Пиринскиот дел на Македонија, 31. VIII 1924) – еден од водачите на ВМРО.
Завршил Педагошко училиште во Скопје (1898), кога и се вклучил во ТМРО. Бил учител и раководител на месните комитети во Кочани, Виница, Кратово, Ново Село и Штип, секретар на четата на штипскиот војвода Мише Развигоров (1905) и на кочанскиот околиски војвода Симеон Георгиев-Кочански (1907), окружен војвода на Скопскиот револуционерен округ (1907), член на ЦК на ВМРО (1911), член во Штабот на III македонска бригада во Балканските војни и во Штабот на партизанската чета на III бригада на XI македонска дивизија во Првата светска војна.
По војната, заедно со Протогеров и П. Чаулев, ја обновил организацијата под името ВМРО (1919) и во 1920 ја зацврстил во Пиринскиот дел на Македонија, каде што создал организациона и воена база и оттаму ги обновил вооружените четнички акции во Вардарскиот дел на Македонија. Дејствувал против политиката на Земјоделската влада на А. Стамболиски за зближување со Кралството СХС.
Го потпишал Мајскиот манифест за обединување на македонските револуционерни сили во единствен македонски револуционерен фронт (1924), но (пред убиството) јавно се откажал од својот потпис.
Една од првите одлуки што ги донел како водач на ВМРО била да се додели пензија на таткото на Гоце Делчев, Никола. Всушност тоа е одлука на ЦК на обновеното ВМРО по Првата светска војна, во јануари 1919 година, кога ВМРО го презема Тодор Александров, во почеток заедно со Протуѓеров и Чаулев.
Месечната помош, според одлуката на Централниот Комитет е дека „ќе му се дава сè до создавање подобри услови за живот, а поради големото поскапување на животот“, што оневозможувало Никола Делчев да го прехранува своето семејство со неговата мала, народна пензија.
Месечната помош што била одредена од ВМРО на Александров изнесувала 500 лева. За жал, Никола Делчев не ја користел помошта долго време, бидејќи починал наредната 1920 година.
1913.- Роден е американскиот филмски актер Џулијус Гарфинкл, познат како Џон Гарфилд. Филмови: „Четири жени“, „Хуарез“, „Ме направија злосторник“, „Морски волк“, „Тие живеат опасно“, „Поштарот секогаш ѕвони двапати“, „Тело и душа“, „Џентлменски договор“, „Големиот нож“, „Да имаш и да немаш“.
1933.- Претседателот на САД, Франклин Делано Рузвелт, под притисок на економската криза ја објавил својата "нова политика", чија суштина бил интервенцијата на капиталистичката држава во нарушениот стопански систем во земјата.
1945.- Во Скопје бил одржан првиот слободен Црковно-народен собор. Во присуство на над триста делегати, свештеници, претставници на народната власт и на Народниот фронт, делегатите автентично го искажале расположението на македонскиот народ од сите краишта на слободна Македонија за создавање на Македонска православна црква преку обнова на старата Охридска архиепископија која во 1767 година незаконски била укината од турскиот султан Мустафа Трети, а по барање на Цариградската патријаршија.
1965.- Сирија национализирала девет нафтени компании, вклучувајќи два американски нафтени концерна.
1977.- Во силниот земјотрес во Романија, кој најмногу го погоди главниот град Букурешт, загинале повеќе од 1.570 луѓе.
1996.- Во Скопје умрел архиепископот Охридски и Македонски г.г. Гаврил (Ѓорѓи Милошев), трет поглавар на Македонската православна црква, учител, преведувач (прв ја превел Библијата на македонски јазик) и уредник во Државното книгоиздателство на Македонија, прв декан на Богословскиот факултет во Скопје. Роден бил во Скопје, на 17 април 1912 година.
2004.- Во пожарот кој го зафати манастирот Хиландар на Света Гора целосно биле уништени реновираните гостински и игуменски простории, како и дел од монашките келии, Белиот конак и малата црква од 17. век, административните простории, а монасите успеале да ги спасат највредните реликвии.
2020.- На 80-годишна возраст во Скопје по кратко боледување почина познатиот тон снимател од МРТ Варнава Андреески – Бакли. Андреески 43 години работен век ги помина токму во јавниот сервис непосредно до камерите на терен и во телевизиските студија. Тој беше единствен жив сведок од техничкиот оддел на МРТ кој ја формираше некогашната ТВ Скопје по земјотресот. Десет години како тонец патувал по светот заедно со Тито во тогашната СФРЈ. Работел на преносите на шест Олимписки игри, учествувал во речиси сите музички емисии на МРТ, а работел и на филмската комедија „Мирно Лето“.
###