Мултимедијален проект за деца „Магичниот круг на детството“ во КИЦ во Загреб
- Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб од 16 до 19 април ќе се реализира мултимедијален проект за деца „Магичниот круг на детството“ на КАТ Продукција, со поддршка на нашето Министерство за култура и туризам.
Скопје, 7 април 2026 (МИА) - Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб од 16 до 19 април ќе се реализира мултимедијален проект за деца „Магичниот круг на детството“ на КАТ Продукција, со поддршка на нашето Министерство за култура и туризам.
-Македонскиот јазик е најголемата културна татковина, која нема граници. Затоа живеењето на јазикот меѓу генерациите, кои не се во Македонија, туку живеат во други држави е многу значаен културен елемент. Ова е главното мото на проектот, со кј ќе бидат опфатени 40-ина ученици кои учат македонски јазик во двете основни училишта во Загреб - „Август Харамбашиќ“ и „Никола Тесла“, под водство на наставникот Деспина Белчовска-Велинска, соопшти КИЦ во Загреб.
Ќе бидат реализирани три креативни работилници - драмска под водство на актерката и режисерка Снежана Конеска-Руси, работилница за илустрација на книги за деца под водство на дизајнерот и едукатор Елена Максимовска и работилница за креативно пишување под водство на Татјана Гогоска, авторка на проектот и авторка и на книгата „Магичниот круг на детството“, која ќе биде промовирана на завршниот настан, на 19 април во КИЦ во Загреб.
-Ќе присуствуваат повеќе гости од разни сектори. Меѓу другите ќе зборува и директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска, која со својата поддршка го овозможи реализирањето на овој проект, како и авторката на книгата м-р Татјана Гогоска. Книгата ќе ја промовираат децата учесници во трите работилници, со свој перфоманс. Целиот настан ќе го води и модерира Снежана Коневска-Руси, се наведува во соопштението. хс/са/
Фото: КИЦ на Северна Македонија во Загреб