„Москва тајмс“: Русија првпат по две децении продава дел од златните резерви за да го покрие буџетскиот дефицит
- Светскиот совет за злато наведува дека оваа продажба од 14 тони за само два месеца е најголема од вториот квартал во 2002 година, кога резервите беа намалени за 58 тони.
Москва, 24 март 2026 (МИА) - Руските власти, првпат по речиси четврт век, почнаа со распродажба на физичко злато од резервите на Централната банка со цел да го покријат високиот дефицит на федералниот буџет - јавува „Москва тајмс“.
Буџетскиот дефицит за периодот 2022 - 2025 година надмина 15 трилиони рубли, а само во првите два месеца од тековната година се евидентирани дополнителни 3,5 трилиони рубли минус. (1 рубља = 0,011 евра).
Според податоците на Централната банка на Руската Федерација, во јануари биле продадени 300 илјади унци физичко злато, а во февруари уште 200 илјади унци. Со ова вкупните златни резерви се намалија на 74,3 милиони унци, што е најниско ниво во последните четири години.
Светскиот совет за злато наведува дека оваа продажба од 14 тони за само два месеца е најголема од вториот квартал во 2002 година, кога резервите беа намалени за 58 тони.
До неодамна операциите со злато беа главно „виртуелни“ - владата го продаваше благородниот метал на Централната банка, со што средствата само се префрлаа од еден во друг државен сектор, а шипките остануваа во составот на државните резерви. Сега ситуацијата е променета и Централната банка спроведува реални пазарни операции со физичко злато, слично како што веќе се прави со кинескиот јуан.
Економистите сметаат дека овој потег е изнуден бидејќи јуанот е последната достапна валута за влијание врз курсот на рубљата, а Централната банка не сака целосно да ги исцрпи тие резерви, особено по замрзнувањето на 300 милијарди долари руски имот на Западот.
Аналитичарите посочуваат дека мотив за продажбата е и рекордно високата цена на златото, која во јануари надмина 5.600 долари за унца. Вредноста на златото во руските резерви на 1 март изнесуваше 384 милијарди долари, што чини 47 % од вкупните резерви на земјата. Иако јануарската продажба донесе речиси 120 милијарди рубли, инвестициските банкари забележуваат дека овој приход покрива само 3 % од годишниот буџетски дефицит. ссм/аб/
фото: архива