• вторник, 31 март 2026

Министерството за животна средина најави засилени контроли, регистар на загадувачи и подготовки за нови закони

Министерството за животна средина најави засилени контроли, регистар на загадувачи и подготовки за нови закони

Скопје, 31 март 2026 (МИА) - Министерството за животна средина и просторно планирање денеска најави пакет засилени мерки со кои ќе се зајакне контролата врз индустриското загадување и ќе се подобри управувањето со природните ресурси, при што фокусот, како што беше нагласено, се префрла кон институциите и индустриските оператори. Централно место во најавите доби воспоставувањето на регистарот на загадувачи, нов систем кој ќе собира сигурни и споредливи податоци за емисиите, потрошувачката на енергија, вода и суровини, како и за преносот на отпад - инструмент што, според Министерството, ќе биде клучен за транспарентност и за зголемена одговорност на сите носители на А‑интегрирани еколошки дозволи.

Како што информира министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, новиот закон за индустриски емисии ќе стапи во сила во септември 2027 година. Во периодот што следува Министерството ќе организира средба со сите оператори што поседуваат А-интегрирана дозвола, со цел навремено информирање и подготовка за новите обврски. Најави и јавна расправа за новата дозвола на „Усје“, како и засилување на контролните механизми.

- Државната лабораторија се екипира. Надмината е пречката за нови вработувања, ангажиран е човек, се очекува уште еден да биде ангажиран - рече министерот. 

Една од клучните мерки што се подготвува е регистарот на загадувачи, кој ќе биде тема и на состанок со индустриските оператори во април. Регистарот ќе содржи податоци за емисии на загадувачи, пренос на отпад, потрошувачка на енергија, вода и суровини и ќе овозможи споредливи и сигурни информации.

- Ова не е само техничко решение, туку механизам за зголемена одговорност кај сите што имаат интегрирана еколошка дозвола - беше истакнато.

Дополнително, од Министерството појаснија дека регистарот ќе опфаќа мерења што ќе ги проследуваат самите индустрии.

Хоџа посочи дека институциите работат и на мерките за намалување на загадувањето од греењето. Во 21 јавен објект веќе е сменет системот за греење како дел од поширок процес, кој треба да опфати 70-ина објекти. Паралелно, потсети дека е активна и мерката за субвенционирање инвертер-клими, со која 4.700 домаќинства ќе добијат уреди со повисока енергетска ефикасност.

Министерот најави расправа за Белчишко Блато за заштитено подрачје и јавна расправа на закон за природа, кој ќе биде објавен на ЕНЕР.

- Сите треба да имаме удел во одлуките поврзани со заштитата на животната средина - нагласи министерот.

Дополни дека во владина процедура набргу ќе влезат законите за Студенчишко Блато и за Охридското Езеро.

Регионалните центри за отпад работат според предвидената динамика, паралелно се спремаат тендери за нови регионални центри.

- Првин ќе почнеме со Новаци и Русино, во тек е постапката за Свети Николе - рече министерот. 

За колекторскиот систем за Скопје, чија претходна ИПА 2-постапка беше раскината поради неквалитетна изведба, сега продолжува со национално финансирање. Во тек е тендерската постапка за довршување на преостанатите 900 метри, а пречистителната станица е во изградба и треба да биде завршена до 2029 година.

- По пуштањето во употреба, цената за водата може благо да се зголеми бидејќи трошокот за третман на отпадни води ќе се пресметува преку фактурите од „Водовод“, во надлежност на локалната власт - информираа на брифингот.

За малата депонија во ОХИС е формиран интер-партнерски фонд за чистење. До сега се исчистени три од пет базени, а процените се дека има до 1.000 тони отпад со хексахлороциклохексан (HCH) и дополнително загадена почва.

- Договорот за дополнителни средства е веќе потпишан, а тендерската документација е во изработка. Владата има заклучок да обезбеди средства за наредните три години - посочија тие.

Во однос на репрогласувањето на Националниот парк Маврово, информираа дека по повеќе од 40 години, Маврово се подготвува за репрогласување. Постапката е пред јавна расправа, студијата е готова, а дополнително се анализира сегментот на строга заштита. 

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, на брифингот информира дека биле спроведени 366 надзори, издадени 108 решенија и иницирани казни од над 450.000 евра.

Во март е направен и вонреден надзор во „Усје“, со мерени тешки метали. Резултатите се очекуваат во наредните денови.ар/вг/

Фото:МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан