• четврток, 25 декември 2025
МИА Општински пул

22 декември 2025 

Росоман - Владата и префрли на Општина Росоман 392.282 илјади евра за обесштетување на земјоделци од штети од мраз и град, информираше претпладнево росоманскиот градоначалник Ѓорѓи Крстевски, преку објава на Фејсбук профилот.  

Тој појасни дека се работи за надоместување на штети што земјоделците ги претрпеле од мраз оваа година и од врнежи од град, минатата година.

-Овие средства се наменети за обештетување на земјоделците кои претрпеа штети. По целосна обработка и комплетирање на документацијата, средствата ќе бидат исплатени на оштетените земјоделци во најкраток можен рок. Општина Росоман продолжува со поддршка на земјоделците и заштита на нивниот труд, напиша Крстевски.

Штип – Иако Штип во текот на годината важи за еден од почистите градови – токму благодарение на честите ветрови што го разнесуваат загадувањето – последните десет дена ситуацијата е поинаква. Штипјани деновиве дишат загаден воздух бидејќи ветерот го нема и се појави маглата во градот. Според податоците од мерната станица на лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во овој период е забележано надминување на 24-часовните концентрации на ПМ честичките, а истовремено е надминат и дозволениот број денови со прекумерно загадување.

Како што информира Боба Самарџиски од лабораторијата АМБИКОН, во Штип досега се регистрирани 41 ден со пречекорување на дозволените дневни концентрации на штетни честички.

-Во моментот периодот е интересен со тоа што немаме струење на воздухот, односно се јавува таа инверзија и со појавата на температурната инверзија топлиот воздух се наоѓа погоре, а ладниот воздух е долу и со тоа маглата го стиска воздухот надолу, со што се создаваат уште повисоки концентрации, појаснува Самарџиски.

Куманово - Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, денеска организираше прием за најдобрите припадници од СВР Куманово и Територијалната против пожарна единица (ТППЕ) Куманово. Признанието најдобар претставник од безбедносните сили му припадна на полицискиот службеник од Полициската станица за безбедност на патен сообраќај, Милорад Трајковски, признанието за најдобар поединец во Одделението за криминалистичка полиција му беше доделено на вишиот инспектор Арменд Афузи, а за најдобар припадник на ТППЕ Куманово е прогласен пожарникарот спасител, Сашо Бошковски. 

- Благодарни сме на вашиот ангажман, професионалност, ви посакувам успех на професионален и приватен план. Нека вашата посветеност биде пример и за вашите колеги, им порача градоначалникот Димитриевски и им врачи подароци.

Бошковски шест години работи како пожарникар-спасител. Тој се заблагодари на сите колеги за поддршката, кажа дека работата му е предизвик со кој секојдневно се соочуваат без разлика дали станува збор, за пожари, поплави, технички интервенции и ги повика младите да се вклучат во волонтерските пожарникарски друштва.

Штип - Општина Штип од вечерва започнува со форумските средби со преставници од урбаните заедници со цел креирање на буџетот за 2026 година. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска најави дека во салата на Совет во општината граѓаните ќе може да даваат свои идеи, предлози кои понатаму ќе се анализираат, а дел од нив ќе влезат во буџетот за наредната 2026 година.

-Во изминатиот период во општината има пристигнато многу предлози и идеи кои секако ќе бидат анализирани и ќе го формираме новиот буџет, вели Јорданов.

Тој истакна дека за наредната година се очекува да се реализиираат голем дел капитални проекти во Штип, како што се обиколницата кон бањата Кежовица, доизградба на булеварот „Гоце Делчев“, паркот „Иднина“, потоа реставрација на тврдината Исар, како и на проекти кои ќе бидат од значење за граѓаните.

-Во 2026 година ќе се гради нов булевар, продолжување на постоечкиот булевар „Гоце Делчев“, обиколницата ќе биде завршена, паркот Иднина, нови катни гаражи во централното градско подрачје кои ќе придонесат за зголемување на паркинг просторот, нови сообраќајници, изјави Јорданов.

Охрид – Во Охрид синоќа беше промовиран романот „Повторно роден“, најновото книжевно дело на авторката Марина Шикова – Димовска, во издание на ПНВ Публикации од Скопје.

Романот е инспириран од вистинска животна приказна и обработува теми поврзани со лични искушенија, внатрешни превирања, пороци и покајание, но и надеж и духовно воздигнување. Според авторката, делото има сопствена тежина, но е напишано на едноставен и разбирлив јазик.

Шикова – Димовска изрази задоволство од одржаната промоција и од присуството на публиката, заблагодарувајќи се на сите кои дале поддршка во процесот на создавање на книгата. Таа изрази надеж дека романот ќе го најде своето место кај читателите.

Марина Шикова – Димовска е дипломирана на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Нејзини раскази се објавувани во повеќе книжевни списанија, а застапена е и во збирката „Интимно со пандемијата“ (2021). Авторка е на збирката раскази „Приказни од кујната“ (2022), збирката раскази за деца „Езерото ми раскажува“ и поетската збирка „Мое место“.

Дебар - По иницијатива на  Здружението „Рајчица“, во соработка со општина Дебар, по вторпат ќе биде одржано хуманитарно празнично дружење во паркот пред Националната установа Центар за култура-Дебар.

Присутните ќе може да се радуваат и бесплатно да се фотографираат со Дедо Мраз и неговите пријатели. Ќе има разни слатки по поволни цени, како и други изненадувања. 

-Целта на овој празничен Базар е многустрана и се фокусира на важноста на социјалната инклузија, како и на поврзувањето на децата и нивните родители во пресрет на празниците. Настанот нуди можности за дружење на најмладите преку различни забавни содржини, а истовремено служи и за собирање средства што ќе бидат насочени кон хуманитарни активности за поддршка на најранливите категории во нашето општество, изјавија за МИА од Здружението.

Здружението „Рајчица" изразува задоволство што целата локална заедница се вклучила на каков било начин да ја поддржи оваа иницијатива.

 Но,  додаваат дека посебно радува фактот што многу млади луѓе, кои се дел од волонтерската група на Здружението „Рајчица“, се вклучија во изработка на различни производи, кои ќе бидат поставени на штандовите за време на празничниот Базар.

Охрид – Братислав Ташковски е авторот на поемата „Темна кутија“ што беше избрана за најдобра на отворениот конкурс за наградата што традиционално се доделува во чест на охридскиот и македонски поет и преродбеник Григор Прличев.

Во образложението за изборот жири-комисијата што ги оценуваше доспеаните трудови се беше наведено дека поемата „Темна кутија“ отскокнува од останатите дела со поетски елементи, ја следи логиката на наративот од почеток до крај и вешто создава слики во главата на читателот...

„Темна кутија“ претставува длабока духовна и егзистенцијална исповед на лирскиот субјект, кој преку долга драматична исповед го претставува сопствениот судир со судбината, смртта, поезијата и смислата на човечкото постоење. Поетот се искачува до архангелски височини, но судбината збор го исфрла од небесниот благослов. Овој мотив е трансформација на библискиот и митскиот пад – не како казна за гордост, туку како вечен поучен престој меѓу два света. Во тој пад присутна е и идентификација со Сизиф и Феникс: осуден на повторно издигнување. Лирскиот субјект се наоѓа „загубен“ меѓу смртта и раѓањето, без да знае дали е мртов или сè уште жив – што укажува на длабока егзистенцијална криза.

Виница - Речното корито на реката Осојница кај мостот пред влезот во селото Виничка Кршла е исчистено и регулирано, со што се решава децениски проблем на барање на жителите.

Со стабилизацијата на овој потег значително е намален притисокот врз столбовите на мостот, а воедно е отстранета и опасноста од евентуални штети и поплави на бунарите за водоснабдување кои се наоѓаат во непосредна близина.

Паралелно со овие активности, по подолг временски период започна и кастрење на дрвјата долж булеварот „Маршал Тито“ во Виница.

Според најавите, ќе се врши и целосно сечење на стари и проблематични дрвја, по претходна проценка и решение издадено од надлежната Комисија за сечење на дрвја на јавно-прометни површини.

Како што истакна градоначалникот на Општина Виница, Митко Костадиновски, овие активности се дел од континуираните напори за зголемување на безбедноста, заштита на инфраструктурата и унапредување на квалитетот на животот на граѓаните.

Гевгелија - Со свечен концерт на Камерниот оркестар „Ајга“ и настапот на Ана и Игор Дурловски синоќа во Народниот театар-Гевгелија официјално беше затворена манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.

На затворањето приствуваше и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој на неговата фексбук страница објави дека е заокружена годината исполнета со културни настани, уметнички изрази и силна креативна енергија во која Гевгелија беше активна сцена и вистински домаќин на културата.

-Честитки до градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, како и до сите институции, уметници и граѓани кои ја направија оваа година незаборавна. Како што спектакуларно започна со концертот на Националниот џез оркестар, така и достојно се затвора со концерт на Камерниот оркестар „Ајга“, заедно со маестралните Ана и Игор Дурловски. Гевгелија и понатаму зрачи со култура, со гостопримливост и со дух што ја прави гордост на Македонија, напиша министерот Љутков.

Камерниот оркестар „Ајга“ настапи под диригентската палка на Ана Спасовска, додека аранжманите и композиторската обработка на програмата се дело на Сони Петровски.

Како што информираа од Општината, свеченото затворање на манифестацијата симболично ја заокружува културната година во која Гевгелија се потврдила како значаен културен центар, со богата и разновидна програма што ја афирмирале уметноста, креативноста и националниот и локалниот културен идентитет. Концертот, пак, на Камерниот оркестар „Ајга“ претставувал достоен завршеток на оваа значајна културна приказна, оставајќи силен впечаток и трајна вредност за локалната и пошироката културна јавност.

Скопје - Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска ја презентираше Стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, со која започнува ново поглавје во развојот на оваа институција. Стратегијата поставува јасна и амбициозна визија за трансформација на Зоолошката градина во современ центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните. 

- Зоолошката градина во Скопје ќе стане водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните. Стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје носи јасна визија за модерна, одговорна и хумана институција. Со неа правиме суштински исчекор од поимот на зоолошка градина како место за забава, кон центар за едукација, заштита на природата и грижа за животните, стои во објавата на социјалните мрежи на градоначалникот Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Остани поврзан