• среда, 25 март 2026

МИА на Кипар: Кипарската Влада тестира СМС-пораки со упатства до жителите за преземање превентивни мерки за лична заштита

МИА на Кипар: Кипарската Влада тестира СМС-пораки со упатства до жителите за преземање превентивни мерки за лична заштита

Никозија, 4 март 2026 (МИА) – Кипарската Влада вечерва тестираше испраќање СМС-пораки до жителите со цел да се користи и овој начин за информирање на граѓаните во случај да биде потребно, додека пак министерот за внатрешни работи Константинос Јоану претходно ги соопшти мерките што жителите ќе треба да ги преземат доколку навистина добијат предупредувачка порака, јави дописничката на МИА.

Пробната СМС-порака од цивилната заштита ја добија сите корисници на мобилна телефонија во Република Кипар, а од Министерството за внатрешни работи посочија дека целта беше да се оцени брзината со која може да се изврши информирање на јавноста, доколку е неопходно, и преку оваа дополнителна мерка за известување на граѓаните.

Претходно, надлежниот министер Константинос Јоану објасни дека во случај граѓаните да добијат писмена порака на нивните мобилни телефони, ќе треба „да останат смирени и да ги следат упатствата“.

Поконкретно, петте упатства што ги соопшти се: ако онаму каде што живеат, во соседна зграда или на местото каде што се наоѓаат граѓаните, има подрум, веднаш и смирено да се упатат кон него пеш; ако се наоѓаат во затворен простор без подрум, да останат во внатрешноста на објектот, подалеку од врати, стакла и прозорци; ако се наоѓаат на отворено, да заминат во најблискиот затворен објект, додека пак во објекти како училишта, болници и спортски сали се применува предвидениот протокол од надлежниот персонал, а граѓаните се повикуваат да избегнуваат движење со возило кон овие локации.

Според последното упатство, до добивање нови насоки од надлежните органи, граѓаните се повикуваат да останат во подрумски или затворени простории и да избегнуваат движење на отворено, без разлика дали е пеш или со возило.

- Со оглед на континуираната тензична состојба во регионот и со цел превенција и соодветна подготовка на населението, се препорачува граѓаните да бидат во состојба на будност, за во случај да стане неопходно да ги преземат конкретните мерки за самозаштита. Конкретно, во случај на добивање писмена порака на нивните мобилни телефони, граѓаните се повикуваат да останат смирени и да ги следат наведените упатства, посочи министерот за внатрешни работи на Кипар.

Во градот Лимасол што е во непосредна близина на британските воени бази што во понеделникот беа мета на напад со дрон, и покрај актуелната ситуација, преовладува смиреност меѓу граѓаните, јавува дописничката на МИА. ср/мс/

Тагови

Остани поврзан