• петок, 06 март 2026

МИА на Кипар: Во Претседателската палата во Никозија функционира прес-центар за навремено информирање за ситуацијата во земјата

МИА на Кипар: Во Претседателската палата во Никозија функционира прес-центар за навремено информирање за ситуацијата во земјата

Никозија, 6 март 2026 (МИА) – По нападот со беспилотно летало врз британските бази во близина Лимасол, во Претседателската палата во Никозија беше отворен прес-центар со цел брзо и навремено информирање на новинарите и јавноста, што  секојдневно работи, како за новинарите од кипарските, така и за оние од странските медиуми, јави дописничката на МИА.

Прес центарот функционира во текот на целиот ден, а портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис одржува брифинзи, еднаш или повеќе пат дневно, во зависност од текот на случувањата.

- Во рамки на нашите напори за континуирано, редовно и навремено информирање, функционира прес-центар во Претседателската палата, отворен за сите медиуми, кој ќе работи од 9 часот наутро до 9 часот навечер, токму со цел континуирано и непосредно информирање, рече Летибиотис на брифингот во вторникот кога и беше отворен прес центарот и продолжува да работи и денеска.

Во изминатите денови во однос на новонастанатата ситуација, кипарската Влада акцентот го става и на навременото и правилно информирање на јавност и борбата со лажните вести и дезинформациите особено на социјалните мрежи.

На ова се осврна неколку пати владиниот портпарол, но и претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис, кој во телевизиската порака во средата рече дека „навременото и доверливо информирање на јавноста претставува основен предуслов за одговорно и непречено справување со целокупната ситуација“.

Апелите од кипарската Влада до граѓаните се да се информираат од проверени информации во медиумите, но и од официјалните канали на Владата. ср/са/

Фото: МИА

Остани поврзан