МИА кај најпознатата баба во Бугарија, 106-годишната Дора која инспирира со својот дух: Ги сакам македонските песни, а никогаш не сум била во Македонија
- Баба Дора е жена со бистар ум, дисциплина и животна филозофија што освојува. Со топол поглед и тивка насмевка, таа веднаш остава впечаток на човек кој носи цел еден век искуство и мудрост.
Скопје, 5 мај 2026 (МИА)
Пандорка АРСОВСКА ГАЦОВА
„Ги сакам македонските песни, а никогаш не сум била во Македонија“, ми рече 106-годишната баба Дора која ја посетив во нејзиниот дом во населбата „Младост“ во Софија.
Со топол поглед и тивка насмевка, таа веднаш остава впечаток на човек кој носи цел еден век искуство и мудрост.
Баба Дора е жена со бистар ум, дисциплина и животна филозофија што освојува.
Утро кое започнува во 5:30 – дисциплината како начин на живот
Нејзинот ден започнува рано, во 5:30 часот, одржувајќи ред кој, како што вели, е клучен за добар живот.
„Нема да поверувате што правам. Се будам во 5.30 и кога ќе станам, си велам, ајде да си го измерам крвниот притисок. Сама се обслужувам, прво си ја средувам постелнината, си го земам бастунчето и полека, полека, одам на терасата да си го истресам јорганчето и да го наметнам да се излуфтира. Се враќам по чаршавот и навлаките, пижамата, па одам да се измијам за да ја однесам и крпата на терасата. Четири пати одам од спалната до терасата за да ја средам постелнината“, почнува баба Дора да ја раскажува својата утринска агенда.

Таа нагласува дека никогаш не оставила креветот да не и е наместен, без разлика дали може или не. „Се потпирам, седнувам, но го средувам. Ги отворам прозорците да проветрам и откако ќе ја средам собата се враќам во кујната“, додава баба Дора.
Не ја прескокнува ниту својата омилена рутина: наеднаш вари две кафиња, едно за пред, едно за по појадокот.
„Си варам билков чај и две кафиња. Потоа ќе полегнам околу 7 часот и ќе дремнам еден час. Кон 9 часот го пијам првото кафе и појадувам, потоа одам на тераса и ја превртувам постелнината, по некое време ја собирам и ја средувам во гардероберот“, опишува таа во детали.
„Откако ќе завршам со појадокот си го пијам и второто кафенце и ќе си речам – е, браво“, вели баба Дора со нагласување дека „тоа е вистината“.
Од сабајле до вечер, додава, живеам на ист начин.
Скромна исхрана и навики кои траат со децении
Баба Дора има едноставен, но строг режим на исхрана. Сама си го подготвува појадокот – чај, малку леб и сирење. „Повеќе од 20 години имам ист појадок – билков чај, малку леб и сиренце. А и вечерата ми е иста – една - две лажици лутеница и малку сиренце, без леб. Само тоа, толку години“, вели баба Дора и додава дека некогаш може да земе и цвекло или „да се настрви“ на руска салата, но никогаш не вечера месо.

За ручек најмногу сака супи и готвени јадења кои и ги подготвува нејзината снаа, а синот е задолжен за рибата. „Но, не си го преоптоварувам стомакот“, истакнува таа.
Секоја среда, синот и снаата ја посетуваат и и' носат јадење и намирници за цела недела – поддршка која, секако, има важна улога во нејзиното секојдневие.
„Сакам и десертче, обожавам крем карамел, бисквитки со кафето, вафлички и разни слатки“, додава баба Дора.
Домашни обврски и грижа за цвеќињата
И на 106 години, таа не се откажува од активностите во домот. Секој понеделник чисти со метла, а вторник и е ден за бришење на подот со влажна крпа.
„Ги тргам сите столици околу масата, секаде да изметам, а во вторник го мијам дрвото, не давам никој да ми мие“, нагласува.
Посебна љубов има кон цвеќињата за кои се грижи секојдневно.
Бистар ум
Иако се движи со бастун и признава дека видот веќе и е ослабен, нејзиниот ум е целосно бистар, а разговорот со неа – жив и инспиративен.
Вели дека не користи лекови бидејќи нема никакви болки, што ја прави нејзината животна приказна уште пофасцинантна.
„Не ми тебаат лекови да се подновувам, зошто ми се. И да имам некоја болка - ја трпам, но главно таа ми е на нозете и на рацете. На срцето не му е ништо, иако јас имам илузија дека има нешто“, вели баба Дора низ смеа.

„Телото веќе се истрошува, сепак, возраста си е возраст, едвај се движам, ама умот е тука“, истакнува.
Жали што видот и е многу слаб и што не може да чита за да си го пополнува времето, но сепак успева малку да гледа телевизија, го обожува каналот за животни, а ги вклучува и музичките канали. Не сака да излегува, бидејќи не може убаво да гледа и е навикната на својот дом каде што беспрекорно ги извршува секојдневните обврски, навикната што каде стои.
„Излегувам на тераса, во полумрак сум, така сум навикната да ги вршам работите, напипувам. Целта е сама да се грижам за себе, сама перам, простирам, расчистувам, мијам садови. Од сабајле до вечер живеам на ист начин.“
Уметноста како дел од нејзиниот живот
Во текот на животот работела како декоратерка – цртала на платно и украсувала перничиња. Уметноста за неа била начин да создава и да внесе убавина во секојдневието.

Нејзината приказна е овековечена и во книгата „Стогодишниците“ од новинарката Мира Добрева, со која МИА претходно имаше интервју.

Добрева преку социјалните мрежи ја доближува баба Дора до илјадници луѓе, а посебно е популарна меѓу помладата генерација.
„Не се нервирав за работи на кои не можев да влијаам“
Нејзината животна филозофија е едноставна, но силна. Вели дека никогаш не се нервирала за работи на кои не можела да влијае – став што, според многумина, е клучен за нејзината долговечност.
„Зошто да се нервирам кога сум беспомошна нешто да направам. Доаѓам до очај, но немам начин како да го сменам, не можам да сменам и решив да терам спокојно“, истакнува баба Дора.

Има и јасна порака за младите: да си го живеат животот, да шетаат, да се среќаваат со луѓе, да работат, но и да ги уважуваат и да се грижат за старите „зашто и тие еден ден ќе остарат и не знаат што ги чека на стари години“.
„Никогаш не заборавајте дека и вие ќе остарите, оти кога човек е млад, не мисли за тие години кои полека и неосетно си доаѓаат. Ете и јас така станав стогодишна и тоа не на 100, туку на 106 години“, вели најпознатата баба во Бугарија.
Кога имам гости – тоа е празник
А за моментите кога во нејзиниот дом ќе дојдат гости, таа додава со насмевка: „Тој ден за мене е празник“.
„Убаво ми е кога ќе ми се наполни станот со луѓе, за мене тие денови се празник, ете и денеска, кога вие дојдовте, за мене е празник“, истакнува баба Дора.

Баба Дора со Мира Добрева и главната уредничка на МИА, Пандорка Арсовска Гацова
Вели дека нејзините луѓе, внуците и правнуците се низ разни држави: во Франција, Германија, Англија... „Младите работат, кога беа помали постојано доаѓаа и внуци и правнуци, сега не сум удобна за друштво“, констатира со жалење.
Таа се израдува и од нашата посета, дури изрази желба да останеме што подолго.
„Многу ме израдувавте со вашата посета, не сакам да си одите, но вие имате ангажмани и сте поизморени од мене. Мојот ангажман е дома, а јас сум задоволна од вашето доаѓање и ќе ми остане во спомен“, вели баба Дора.
Медицински феномен – крв „како на млада жена“
Интересот за нејзината возраст не е само човечки, туку и научен. Дел од анализите на нејзината крв, испратени на испитување во Хонгконг, во Кина, веќе пристигнале.
Според првичните резултати, кои се одлични, како што ни пренесе Добрева, таа има бактерии кои ги имаат многу млади луѓе, така што нејзината крв покажува дека нејзиниот организам е многу млад.
Се очекуваат и дополнителни резултати да се види каков е генот, кои би можеле да дадат подлабок увид во нејзината долговечност.
Добрева вели дека кинеските научници се изненадени и дека досега не виделе такво нешто.
Долговечноста како начин на живот
Средбата со баба Дора остава силен впечаток – дека долговечноста не е само прашање на години, туку и на начин на живот.
Ред, умереност, мир и благодарност – тоа е формулата по која живее веќе 106-години.
И можеби токму затоа нејзините зборови звучат толку едноставно, а толку силно.

На прашањето која е тајната на долговечноста таа одговара со прашање: „Е па, вие кажете ми, и јас тоа не го разбирам. Ете јас ви кажав како живеам. Секое сабајле си викам - е, јас пак се разбудив. И си го продолжувам животот. Бидете спокојни, немам претчувство за умирање“, вели низ смеа баба Дора и додава дека на 100 години, кога била помлада, било многу полесно, но сега, на 106 е нешто друго.
Баба Дора не нуди сложени рецепти – нејзината филозофија е едноставна: смиреност, работа и љубов кон животот.
И можеби токму затоа, на 106 години, таа не зборува за минатото со тага, туку за животот со благодарност. паг/дј
Фото: МИА