• понеделник, 15 декември 2025

МИА во Минхен: Град на кој историјата не му е само украс, туку дел од карактерот

МИА во Минхен: Град на кој историјата не му е само украс, туку дел од карактерот

Минхен, 15 декември 2025, (МИА)

Бранка Д. НАЈДОВСКА

Штом излезете од станицата на метрото што директно ве „лансира“ на главниот минхенски плоштад, Мариенплац, прво што ќе ве „нападне“ е грандиозното здание на Новата градска куќа (неоготско ремек-дело), по што не сакајќи, веднаш ви излетува едно „вау“. Меѓутоа, после неколку секунди, сфаќате дека на главниот баварски град ова му е можеби само туристичка стратегија, затоа што Минхен ниту е гласен, ниту наметлив туку, со своите тивки детали, полека ти се „пика под кожата“. Тоа е град во кој се будиш со звукот на трамвајот што мазно минува покрај старите фасади, а заспиваш под светлината на модерните стаклени згради што го обојуваат небото во различни нијанси.

Минхен е богат со историја. Не како музеј што стои затворен во себе, туку како ткиво кое постојано комуницира со секојдневниот живот. Стариот дел од градот, „Алтстад“ е како прошетка низ времето: калдрми, шарени куќи, Мариенплац со славниот часовник Глокеншпил и чувството дека си во книга што сама се пишува. Историјата не е само украс. Таа е дел од минхенскиот карактер. Традицијата е видлива во архитектурата, празниците и дури и во секојдневните навики како на пример, во семејните прошетки до Англиската градина (еден од најголемите градски паркови во Европа и изгледа како зелено срце што ги собира луѓето на едно место. Некои читаат книги под сенка, други трчаат, возат велосипед или едноставно одмораат покрај реката Исар, каде водата секогаш е студена и освежувачка), или во неделните посети на локалните пекари.

Името на плоштадот, Мариенплц е усвоено во 1854 година по епидемија на колера, што ја одразува посветеноста на градот на Дева Марија. Тоа е главниот плоштад во Минхен уште од средниот век, сведок на растот на градот од средновековен пазар до просперитетен културен и економски центар

Иако Минхен е длабоко вкоренет во традицијата, тој истовремено е динамичен и современ. Старите улици се поврзани со модерни деловни центри, технолошки кампуси, универзитети и креативни студија. Токму таа мешавина го прави градот интересен: можеш да најдеш мир и културна длабочина, но и брзо темпо, иновација и космополитска енергија.

Животот во Минхен е организиран, чист и структуриран. Нешто што на почеток може да изгледа строго, но брзо станува пријатно. Јавниот превоз е прецизен до минута, велосипедските патеки се уредени, а парковите се распоредени така што од секоја точка на градот можеш да стигнеш до зеленило за само неколку минути. Градот е посебен по тоа што природата не е на периферија, туку се чувствува во секој дел од дневниот ритам. Секој што ќе дојде во оваа европска метропола, треба да го види и Германскиот музеј, музејот Пинакотек, Алијанц арената, Олимпискиот парк, капијата Карлстор, дворецот Нимфенбург, зоолошката градина „Хелабрун“... И најубавото е што Алпите се толку блиску што викендот можеш да го минеш во планини, езера или мали баварски села, како да се дел од твојот личен двор.

Минхен е дом на луѓе од цел свет. Врие од Американци и Англичани како туристи. Како „ауслендери“, преполн е со Албанци, Срби, Македонци... Турците се веќе „Германци“, па продаваат и свински ребра и коленици, без проблем. Тој космополитски дух се гледа во јазиците, кујните, кафулињата и животните приказни кои се вкрстуваат низ градот. Иако баварската култура е силна и горда, Минхен успева да ја комбинира со отвореност и почит кон различноста. Тоа создава посебно чувство на припадност, дури и ако доаѓаш од далеку, лесно можеш да си најдеш свое место. Едноставно, не се чувствуваш залутано.

Зборот Минхен буквално значи монах. Името потекнува од монасите во Бенедиктанскиот ред, кои и го основале градот, а тоа е и причината поради која на грбот на Минхен има монах. Црно и златно се боите на Светото Римско Царство и тие се и официјалните бои на градот уште од времето на кралот Лудвиг Четврти. Во него живеат околу 1 400 000 жители

Овој град е мирен, но не и бавен; динамичен, но не и хаотичен. Луѓето го ценат балансот: работа, образование, спорт, дружење, природа. Секојдневието е исполнето со мали ритуали: утринско кафе во локална пекарница, еден брз воз со У-Бан, попладневна прошетка покрај реката или средба со пријатели во некоја Биергартен кога временските услови се идеални. Тие моменти го прават животот тука смирен, структуриран и човечки. Минхен не се обидува да те импресионира со наметливо гламурозни слики, туку со искреност и стабилност. Тоа е место каде традицијата и современиот живот стојат рамо до рамо, каде зеленилото и технологијата се во хармонија, и каде секој може да си најде свој ритам. Луѓето во Минхен имаат посебен стил, комбинација од традиционална баварска смиреност и современа, европска динамика. Тие сакаат ред, прецизност и организираност, но во исто време го ценат релаксираниот, удобен живот.

Минхенците се пријатни, но резервирани и дистанцирани. Ниту премногу гласни или наметливи. Многу почитуваат приватност. Нема да ве распрашуваат за лични работи и го очекуваат истото и од вас. Впрочем, како и сите Баварци. Велат дека пријателствата не ги создаваат преку ноќ, но кога една врска ќе се формира, таа обично е стабилна, искрена и долгорочна. Каков што е и баварскиот дух. Жителите се грижат за јавниот простор, за чистотата (ако и видите некаде отпад, тоа обично се неколку отпушоци и редовно, капачиња од пивски шишиња секако, оставени од туристите. Меѓутоа, тоа комуналните градски служби го отстрануваат уште пред пет часот следното утро), за општото добро, што го прави градот безбеден, уреден и пријатен за престој во него. Многу се точни. Јавниот превоз, работата, состаноците… доаѓањето на време е голема работа таму.

Денот на повеќето минхенци започнува едноставно: со мирис на свежо кафе од локалната пекарница и баварски бретцел (перек). Пекарите се отвораат рано, а утринската тишина благо ја реметат луѓе што одат на работа, студенти што брзаат кон трамвајот и велосипедисти што ги преполнуваат уредените патеки. Впрочем, велосипедот е исто толку вообичаено превозно средство како и У-Бан или С-Бан, а јавниот превоз, познат по својата прецизност, е составен дел од овдешниот живот. Замислете, постои изрека „доцниш како германска железница“, а возовите, ако и доцнат, доцнат не повеќе од 30 секунди. Секунди. Триесет. Инаку, 22 евра е возењето за еден ден или 24 часови, со сите можни превозни средства, се до Цирих, а контролори нема ни на повидок. Во баварската престолнина постојано нешто се реновира, поправа, гради, но никаков застој во циркулацијата на секојдневието на неговите граѓани не се случува. Се функционира и покрај крановите и работниците, беспрекорно.

Во декември, овој град кој е еден од најбогатите во Германија, буквално се претвора во бајка. Како некој да го притиснал копчето за „светкава магија“. Улиците се полни со светилки, дрвени колипки и мирис на цимет, печени бадеми и топло вино. Новогодишните базари се еден од најубавите моменти од зимата во Баварија и нешто што секој жител и посетител мора да ги види.

Обелискот во Минхен се наоѓа на Каролиненплац и е еден од најинтересните споменици во градот бидејќи е директно инспириран од антички египетски обелисци. Изграден е во 1833 година од бронза, со висина од околу 30 метри, воспомен на 30 000 баварски војници кои загинале во походот на Наполеон кон Русија (1812-та)

Меѓутоа, Минхен е и скап. Ланците на супермаркети и дрогерии се со исти цени низ цела Германија, но се друго е многу поскапо. Уличната или брза храна (особено за празниците, како Октоберфест и Божикните базари), како и на секое друго место, останува „најефтина“. Па така, братвурст (баварски колбас, мала порција т.е. за мезе со чаша пиво или вино), чини шест-седум-осум евра на тезга, пица парче е околу три евра, еспресо кафе за носење - 2,5 евра, вода од 0.5 л (иако, баварската вода од чешма е технички исправна и мое да се пие), чини до две евра, пиво на улица од 0,5 л. е четири евра, греано вино (со цимет и портокал, сосе чашата како сувенир), ќе го платите над седум евра, слатките (лебкуцхен – медени колачи со цимет, срца, ѕвезди и шарени украси,  карамелизирани бадеми, пирошки, крем-палачинки...), се од осум евра па нагоре, а „полуксузните“ слатки и од 13 евра, па нагоре (за парче).

Хамбургер со помфрит и милкшејк ќе го платите 21 евро. Што ќе рече, за дневно јадење и пијалок на базар сметајте дека ќе потрошите околу триесет евра од човек, за лесен ароматичен оброк со пијалак. (Гардеробата, обувките, куќните апарати... се скапи и за Германците надвор од Минхен.)

На предновогодишниите базари (а ги има на секој и малку слободен простор во Минхен), малите божиќни украси чинат  од десет евра и нагоре, зависно од големината и рачната изработка. А речиси се е рачна изработка. Поголемите сувенири (како дрвени фигури, рачни свеќи, играчки), се од 30 до 60 евра, а некои уникати може да бидат и над сто евра. Како и во специјализираната продавница на фудбалскиот клуб „Баерн Минхен“ каде што дрес-маичката чинеше сто евра, а шорцот 75 евра. Паркингот е минимум три евра за еден час. „Магнетче за на фрижидер“, нема поефтино од пет евра.

Покрај храната, има и многу други активности: изработка на свеќи, мали работилници за деца, свирачи, танчери и улични артисти коишто ја дополнуваат празничната атмосфера. Има многу уметници на отворено, меѓу нив и музичари, па неретко ќе чуете и познати звуци од Балканот, како и македонски, изведувани (и) од Германци. И никој не се дере. Ако и чуете дека некој повишува тон, бидете сигурни дека е од нашите краеви или, подолу.

Штандовите се оградени со бетонски столбчиња (поради поранешните забивања со автомобили во толпите граѓани од страна на исламистички терористички организации, а полиција има на секој чекор. Полицајците - и мажи и жени- се високи, стројни, убави и во уште поубави униформи. Не ве плашат, туку набљудуваат, влеваат безбедност).  

Фрауенкирхе, или Катедралата на Пресвета Богородица, е еден од симболите на Минхен. Препознатлива е по своите две високи кули со зелени куполи. Изградена е во 15 век и претставува важен религиозен и историски споменик

Со сето ова, секојдневниот живот во Минхен може да се опише како комбинација од ред, тишина и динамика: наизглед контрадикторни елементи што тука сосема природно коегзистираат. Граѓаните на Минхен создаваат средина во која човек може истовремено да биде дел од голем, непознат град и да се чувствува како да му припаѓа на истиот.

На крај, можеби најважната карактеристика на Минхен е неговата отвореност. Градот привлекува луѓе од цел свет: студенти, работници, уметници, патници... Различните култури, јазици и стилови на живот се спојуваат во еден хармоничен мозаик. Иако баварската традиција е силна, таа не ги спречува новите жители да се чувствуваат добредојдени. бдн/дј

Остани поврзан