• сабота, 14 март 2026

МВР билтен

МВР билтен

Скопје, 11 март 2026 (МИА) - СВР Струмица поднесе кривична пријава против В.Ф.(19) од село Добрејци, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 29.06.2025, полициски службеници извршиле преглед на пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.  

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Ф.(37) и Ќ.Б.(33), двајцата од село Желино, општина Желино, С.И.(46) од село Требош, тетовско и И.К.(38) од село Прељубиште, општина Јегуновце, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 07.12.2025 во угостителски објект, по претходна расправија, настанала физичка пресметка помеѓу пријавените, при што подоцна на паркинг простор оштетиле такси возило и физички го нападнале возачот.

Полициски службеници од СВР Скопје вчера во Скопје, на подрачјето на Гази Баба, го лишија од слобода Ш.Г.(31) од село Огњанци, скопско, затоа што кај него е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.   

Полициски службеници од СВР Штип вчера, околу 15:00 часот,  го лишија од слобода П.Д.(66) од Република Грција. Тој се сомничи дека околу 12:00 часот во просторија за тушеви во бања во Штип допирал по телото 14-годишник од Штип. Според пријавеното, малолетникот со родителите отишле во бањата и откако се разделиле со неговиот татко во машкиот дел, П.Д. тргнал по него и го извршил делото.  Лицето е задржано во полициски станица и по целосно документирање на случајот против грчкиот државјанин ќе биде поднесена кривична пријава по итна постапка по член 188 став 5 од Kривичниот законик.   

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.А.(19) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. Во Тетово, по претходна расправија, пријавениот физички го нападнал Л.С., пo што со нож му нанел убодна рана.

На магистралниот пат Крив Паланка – Куманово,  кај место викано „Мотел“, утринава во 1:45 часот полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка ги лишија од слобода И.Ц.(60) од Скопје и М.Ј.(39) од Косово поради сомнение за сторено кривично дело „криумчарење“.  Имено, при вршење на редовна контрола во сообраќајот полициските службеници запреле патничко моторно возило „шкода октавија“ со скопски регистарски ознаки, при што во возилото била пронајдена поголема количина на текстилна роба и повеќе штеки цигари без документација. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни пријави.  

Б.Ј.(51) од Скопје, вчера во 09:30 часот во СВР Скопје, пријави дека на 09.03.2026  околу 19:00 часот на подрачјето на општина Аеродром бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

В.М. од Скопје вчера во 15:30 часот во СВР Скопје пријави дека во автобус на подрачјето на општина Аеродром, неговиот 16-годишен син бил физички нападнат од двајца малолетници. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

А.М.(44) од скопско, вчера во 16:30 часот во СВР Скопје, пријави дека околу 16:00 часот во автобус на подрачјето на Чаир, едно лице од чантата ѝ одзело паричник со пари и лични документи. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во СВР Скопје вчера е пријавено дека во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ со тешки телесни повреди бил донесен Р.Б.(38) од село Селце, тетовско. Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фирма на подрачјето на Гази Баба. Се работи на расчистување на случајот.

Полициски службеници од СВР Скопје вчера во 11:45 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, го приведоа И.Р.(68) од Скопје затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

С.Е.(26) од село Студеничани, скопско, вчера во 15:00 часот  во СВР Скопје, пријави дека на 09.03.2026 околу 22:30 часот на подрачјето на општина Аеродром бил физички нападнат од три лица, кои употребиле тврди предмети и остар предмет, при што му нанеле тешки телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 13:30 часот во СВР Скопје, од здравствена установа на подрачјето на Карпош е пријавено дека на 09.03.2026 околу 22:50 часот пациентот Б.Ш.(40) од Велес агресивно се однесувал и упатил закани кон вработени лица во установата, а оштетил и дел од инвентарот и се обидел да побегне. Набргу, полициски службеници го пронашле и бил задржан во установата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вработена од здравствена установа на подрачјето на Центар вчера во 11:45 часот во СВР Скопје пријави дека, додека извршувала работни задачи, била физички нападната од едно лице, кое ѝ упатило и закани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Ш.Ќ.(35) од село Чајлане, скопско, вчера во СВР Скопје пријави дека во село Семениште, скопско, бил физички нападнат од Ј.С. и С.Ј., кои употребиле и тврди предмети и му нанеле тешки телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, а го оштетиле и неговото возило. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. вј/

Фото: МИА архива

Остани поврзан