• понеделник, 15 декември 2025

„Мајка храброст и нејзините деца“ на Пројковски за затворање на 50. Млад отворен театар

„Мајка храброст и нејзините деца“ на Пројковски за затворање на 50. Млад отворен театар

Скопје, 25 ноември 2025 (МИА) - Со антивоената приказна на Бертолд Брехт „Мајка Храброст и нејзините деца“ во режија на Дејан Пројковски вечер од 20 часот во МНТ се затвора јубилејното 50. издание на фестивалот „Млад отворен театар“.

-Оваа безвременска драма е третата театарска претстава која Пројковски ја поставува во Новосадскиот театар и која силно резонира со актуелното време во кое живееме исто како во времето кога Брехт ја напишал. Мајка Храброст доаѓа – продава чизми, гас-маски, борбен дух натопен во крвава пареа, солзи и религиозно лудило. Таа е хиената на бојното поле, некрунисаната кралица на воениот капитализам. Оваа претстава е искрена, трогателна семејна сага за тоа како војната ги голта своите деца – но и за тоа како работата мора да продолжи, без разлика на сè, соопшти Младинскиот културен центар, организатор на МОТ.

Пројковски пред изведбата на претставата на МОТ вели дека „живееме во специфични времиња во кои времето се мери според војните и жртвите“ и дека „историјата не нè научи да се промениме на подобро“. Додава дека претставата е универзална приказна за војната, антивоена драма, но и антидрама со структура на античка трагедија.

-Човештвото лесно заборава и повторно се враќаме на истите состојби. Играме слични игри, повторуваме исти трагедии. Светот постојано произведува крв и детски солзи. Достоевски нè потсетува дека никаков идеал не вреди кога ќе падне и само една детска солза. „Мајка Храброст“ е огледало кое го открива вистинското лице на општеството и човекот. Таа, како и човештвото, постојано ја губи својата суштина. Живееме во свет на амбалажа, без суштина каде што се сè препакува. „Мајка Храброст“ е како Сизиф кој повторно и повторно ги води своите деца низ војната и ги губи. Тоа е бескраен циклус. Ме потсетува и на Диоген кој со свеќа во рака бара каде исчезнал човекот, што се случува со него во војната, но и во кризите како короната, бидејќи секогаш кога амбалажата ќе падне суштината ја нема. Претставата е универзална приказна за војната, антивоена драма, но и антидрама со структура на античка трагедија. Во античката трагедија има катарза, но овде таа се трансформира во V-ефект – ефект на отуѓување што се раѓа во спојот помеѓу актерите и публиката, вели  режисерот.

Покрај Пројковски, дел од македонската авторска екипа за оваа претстава во изведба на театарот од Нови Сад се и: Олга Панго - кореограф, Валентин Светозарев - сценографија, Горан Трајковски - музика и Стефан Светозарев - дизајн на постер.

Во „Мајка Храброст и нејзините деца“ играат актерите: Емина Елор, Дина Дедовиќ Томиќ, Даниел Тот, Чаба Бенце Кемивеш, Золтан Ширмер, Роберт Ожвар, Арпад Месарош, Иштван Кереши, Атила Немет, Даниел Хуста, Габриела Црнковиќ, Даниел Гомбош, Габор Понго, Бенце Салаи, Ливиа Банка. хс/вј/ 

Фото: Младински културен центар 

Остани поврзан