• сабота, 16 мај 2026

Кос: Албанија, една од земјите на чело на процесот на интеграција, сè додека сум комесар за проширување, ќе се борам земјите-кандидати да станат полноправни членки на ЕУ

Кос: Албанија, една од земјите на чело на процесот на интеграција, сè додека сум комесар за проширување, ќе се борам земјите-кандидати да станат полноправни членки на ЕУ

Тирана, 25 април 2026 (МИА) - Комесарката за проширување на Европската унија, Марта Кос, зборувајќи за напредокот во процесот на европска интеграција, за „Клан њуз“, изјавила дека Албанија е една од земјите на чело на процесот на интеграција, додавајќи дека сè додека е комесар за проширување, ќе се бори земјите-кандидатки да станат полноправни членки на ЕУ, објави АТА.

-Се надеваме дека во мај ќе можеме да ги усвоиме сите привремени стандарди за владеење на правото, а потоа да започнеме со затворање на поглавјата. Неверојатно е тоа што направи Албанија во последните години, со отворањето на сите поглавја, рекла Кос.

Додала дека Албанија е на вистинскиот пат за влез во ЕУ, истовремено високо ја оценила решителноста на раководството на земјата во овој поглед и високиот процент на подршка од страна на граѓаните за влез на земјата во ЕУ.

На прашањето дали членството на Албанија во 2030 година е можно, Кос одговорила дека „доколку Албанија продолжи во оваа насока, сè е можно“.

„Ние во Европската комисија не одредуваме датуми, туку ги поддржуваме реалните визии на земјите-кандидатки“, нагласила таа.

Кос, исто така, потврдила дека сè додека е комесар за проширување, ќе се бори земјите-кандидатки да станат полноправни членки на ЕУ.

- Додека сум комесар за проширување, ќе се борам за оние земји што ги сметам за мои кандидати да станат полноправни членки на ЕУ. Има десет кандидати. Имам десет земји-кандидатки како дел од мојот мандат, заклучи Кос. вт/

Фото: АТА

 

Тагови

Остани поврзан