• четврток, 25 декември 2025

Комисијата за еднакви можности го разгледа Годишниот извештај за 2024 година за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027 и Национален акциски план за родова еднаквост 2022-2024

Комисијата за еднакви можности го разгледа Годишниот извештај за 2024 година за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027 и Национален акциски план за родова еднаквост 2022-2024

Скопје, 25 декември 2025 (МИА) - Собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите на денешната седница ги разгледа Годишниот извештај за 2022 година и 2023 година за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027 и Национален акциски план за родова еднаквост 2022-2024 и Годишниот извештај за 2024 година за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027 и Национален акциски план за родова еднаквост 2022-2024. Овие извештаи се подготвуваат од Министерството за социјална политика, демографија и млади согласно членот 12 од Законот за еднакви можности на жените и мажите од  добиените годишни извештаи доставени од органите на државна управа.

Раководителката на сектор во Министерството за социјална политика, демографија и млади, Светлана Цветковска истакна дека во овој период направен е голем исчекор по однос на родовата еднаквост со воспоставување на Ресурсниот центар за креирање на родово одговорни политики и буџетирање со поддршка на УН Вомен. Генерално, како што рече, кога во тој период имавме предизвици како во контекст на пост-ковид периодот, воените конфликти во Украина, социо-економската сфера, може да се каже дека сепак се бележеше напредок во однос на унапредувањето на родовата еднаквости се постигнати одредени резултати.

Цветковска нагласи дека Извештајот во 2022 година е само за четири месеци и интегриран е во Извештајот од 2023 година, имајќи во предвид дека Стратегијата беше донесена во јули 2022 година. 

Во однос на податоците коишто ги содржи овој Извештај, Цветковска информира дека од 16 носители на активности во Националниот акциски план две министерства немаат доставено податоци, односно Министерството за култура и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

-Гледано по општите стратешки цели, би рекла дека најголем број на активности се спроведени во општа цел – воспоставување на ефективен и ефикасен систем за унапредување на родовата еднаквост на централно и локално ниво. Вкупно околу 69 проценти се реализирани активности и само една активност не е реализирана. Во втората стратешка цел – Подобрување на положбата на жените во сите области на јавниот и приватниот живот, од вкупно 33 предвидени активности спроведени се 16 и седум не се спроведени. Во третата стратешка цел – Сузбивање на родовите  стереотипи и градење на култура на ненасилство и недискриминација врз основа на пол, род и родов идентитет, од вкупно 10 предвидени активности шест се спроведени и четири се во тек, рече таа.

Цветковска ги нагласи и препораките дадени во Извештајот за 2022 година и 2023 година за поефикасно спроведување на Националната стратегија и Акциски план.

-Континуирано подигање на свеста за важноста на родовата еднаквост и поголема промоција на Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027 како главен стратешки документ за чие спроведување се надлежни сите правни субјекти. За полесно следење на состојбата и поголем степен на реализација потребно е сите носители на активности да изработат Годишни оперативни планови со мерливи индикатори и финансиски Стратегијата за родова еднаквост 2022-2024. Континуирано и навремено доставување на извештаи за преземените активности и спроведувањето на НАПРЕ и Стратегијата. Унапредување на меѓуинституционалната соработка во планирање и спроведување на активности од Стратегијата за родова еднаквост 2022 – 2027 и Националниот Акциски план на национално и локално ниво. Подготовка на среднорочна Евалуација на Стратегијата за родова еднаквост 2022 – 2027 и подготовка на нов Национален акциски план за 2025-2027 со фискални импликации, рече таа.

Цветковска соопшти дека во 2024 година сите органи на државната управа доставиле годишни извештаи до Министерството. Напомена дека и оние кои имаат доставено извештаи во однос на спроведени активности за родова еднаквост, немаат информација во самите извештаи за финансиските средства кои се реализирани. 

Констатира дека неспорно се постигнати одредени резултати во одредени области. Сепак, како што нагласи, се соочувавме со одредени предизвици и како главен предизвик останува собирањето на податоци поради непостоење на еден унифициран систем за собирање на податоци, односно немање на електронска алатка. Нагласи дека во Извештајот е констатиран ризикот од дисконтинуитет во спроведување на активности, неконзистентноста во прибирањето на родово разделени и статистички податоци и покрај тоа што согласно Законот за еднакви можности на жените и мажите сите институции имаат обврска да собираат податоци. Посочи дека останува потребата од понатамошна меѓуинституционална координација. 

Цветковска истакна дека не се спроведени теренските активности за запознавање на жените од руралните средини за можностите за вработување и стимулација за жените во руралните средини од страна на МЗШВ, како и кампањи за сузбивање на родовите стереотипи. Потенцира дека не е направена и анкета за структурата на заработувачката од страна на Државниот завод за статистика, финансиска поддршка за образование на возрасни Роми кои немаат комплетно образование од страна на Министерството за образование и наука. Не се подготвени истражувања и анализа за родот и родовите политики во Министерството за култура.

-Во општата стратешка цел – Воспоставување на ефикасен и ефективен систем за унапредување на родовата еднаквост на централно и локално ниво во овој период сите планирани активности биле спроведени. Во однос на втората стратешка цел – Подобрување на положбата на жените во областа на јавниот и приватниот живот, од 20 активности спроведени се 69 проценти, три биле во тек и шест активности не се спроведени. Не е спроведена иницијативата за измена на изборното законодавство за постоечките квоти, односно не се поднесени предлози за зајакнување на позициите на жените во политичката сфера. Во однос на третата стратешка цел, од вкупно осум предвидени активности спроведени се пет, една е делумно реализирана, една била во тек – не е спроведено само измената на Законот за медиуми, односно усогласување на членот 4 со Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, рече таа. 

Цветковска ги посочи препораките дадени во Извештајот во однос на подобрување на спроведување на овие документи. Потенцира дека како Министерство предизвик им бил подготовката на новиот Национален акциски план за родова еднаквост 2025-2025 година со фискални импликации, кој се уште се наоѓа во владина процедура.

-Обезбедување на континуирана меѓу-институционална координација во спроведувањето на Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027. Донесување на национален акциски план за 2025-2027 со соодветни финансиски средства и транспарентно објавени Годишни оперативни планови. Следење на буџетската потрошувачка преку родово одговорно буџетирање. Спроведување јавни кампањи за подигнување на свеста, вклучување на медиумите и влијателни личности во промоцијата на родова еднаквост. Континуирано јакнење на капацитетите на јавната администрација за родова еднаквост. Подобрување на системот за собирање родово раздвоени податоци и Развивање на електронска алатка согласно индикаторите за следење на Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027, како и на состојбата со напредокот на жените и мажите, рече Цветковска. фф/вј/

Фото: Принтскрин од видео

Остани поврзан