• среда, 01 април 2026

Кокошки, птици, кози и јариња откриени во нелегална фарма на тераса на зграда во центарот на Атина

Кокошки, птици, кози и јариња откриени во нелегална фарма на тераса на зграда во центарот на Атина

Атина, 1 април 2026 (МИА) – Во нелегална и импровизирана фарма на тераса на 16 кат на зграда во центарот на Атина, биле откриени 31 кокошка, десет птици од различни видови, десет кози и три јариња, а грчката полиција покренала пријава за две лица поради прекршување на законот за заштита на животните, јави дописничката на МИА од Атина.

Од општина Атина соопштија дека по пријава за незаконско одгледување и нехигиенски услови за животните, обвинителот за заштита на животни издал усна наредба градот и Одделот за урбана фауна да го преземат отстранувањето на животните.

Птиците биле пренесени во Националната градина во центарот на Атина, а останатите животни во безбеден простор на општината, додека сите животни ќе бидат подложени на контроли за евентуални заболувања.

По поднесена пријава реагирала и грчката полиција со извршена контрола на зградата „каде било утврдено дека на заедничкиот простор на терасата била поставена импровизирана конструкција, во која се чувале животни во несоодветни хигиенски услови“.

Веднаш бил формиран предмет против грчки државјанин, како и против компанија за управување со недвижности, поради прекршување на законот за заштита на животните. ср/јт/

Фото/Видео: Грчка полиција

Остани поврзан