Коалиција „Менуваме“: До задутре на персоналните асистенти и негувателите да им се исплатат хонорарите и да се зголемат часовите за асистенција за лицата со посебни потреби
- Коалицијата „Менуваме“ денеска на прес-конференција соопшти дека не се почитуваат правата на лицата со попреченост во државава и побара до задутре на персоналните асистенти и негувателите да им се исплатат хонорарите за јануари, февруари и март, да се зголемат часовите за асистенција за лицата со посебни потреби и до наредниот понеделник да бидат повикани од претставници на Министерството за социјална политика, демографија и млади и на Владата, за да ги презентираат нивните барања.
Скопје, 30 март 2026 (МИА) - Коалицијата „Менуваме“ денеска на прес-конференција соопшти дека не се почитуваат правата на лицата со попреченост во државава и побара до задутре на персоналните асистенти и негувателите да им се исплатат хонорарите за јануари, февруари и март, да се зголемат часовите за асистенција за лицата со посебни потреби и до наредниот понеделник да бидат повикани од претставници на Министерството за социјална политика, демографија и млади и на Владата, за да ги презентираат нивните барања.
Координаторот на коалицијата, Суарет Алишан рече дека има непочитување на редовните исплати во однос на делот на исплатата на хонорарите на личните и персоналните асистенти, како и кратење на часовите кои веќе се имаат стекнато согласно медицинската документација која е отфрлена од конзилијарното мислење од дадената клиника.
- Значи има скратување на сите тие часови и кражба на податоци, уценување итн. Коалицијата „Менуваме“ ја следи целата ситуација, година дена во оваа папка постојат документи во кои бараме од Министерството за социјална политика, демографија и млади, да имаме средба, да ги запознаеме со пропустите со кои се соочуваат сервисите во нашата држава, а истовремено да придонесеме тие да бидат квалитетни за заедницата со лицата со попреченост. Наместо одговори и инклузивност и прифаќање на нашето мислење, ние до сега немаме никаков одговор. Не се исплатени хонорарите на персоналните асистенти за три месеци, поточно јануари, февруари и март. Ги оставија и за Нова година без месечните хонорари, сакаат да ги остават и за велигденските празници без да преземат ништо, истакна Алишан.
Никој од нас, посочи, не беше запознаен дека ќе ни се кратат часовите за кои тоа право е веќе стекнато врз основа на здравствена документација.
- Никој од нас нема промена на здравствена документација, некултурно е некој да ми ги крати часовите. Чија одлука е да се кратат часовите, и дали во нашата држава функционираат двојни аршини. Пример, во Западна Македонија се креирани новонастанати провајдери, а согласно Законот за услуги и сервиси, не може организација што е формирана пред една година да го дава овој сервис, оваа услуга. Формирани се новонастанати организации кои ги имаат украдено податоците на лицата со попреченост, зборувам за слепите лица. При нашата евалуација и изготвување на нашиот извештај, што ќе излезе на 15-ти, наш член се обрати до нас, се јавуваат луѓе и не се претставуваат, и ги прашуваат дали ќе прифатите да бидете наши корисници, едноставно прават мобинг на нашиот сервис, да дојдете во нашиот сервис итн. На нашето прашање поставено од каде се тие ваши податоци, ни викаат, ние ги имаме од цела Македонија, рече Алишан.
Тој потенцира дека како коалиција се прашуваат како тие организации ги добиле тие податоци.
Посочи дека доколку Министерството или Владата не им овозможат да кажат нивните барања, тие ќе продолжат понатаму тенденциозно да ги бараат нивните права и со протест.
- Бараме најдоцна до среда да бидат исплатени хонорарите за месец јануари, февруари. Исто така, бараме до наредниот понеделник претставници од Министерството и Владата да не повикаат да ги понудиме нашите мерки, да презентираме извештај со детектирани пропусти, кои се тие нови организации што се основани и што прават тие на терен и каква злоупотреба прават на сервисот што го имаме и на крај се обидуваат да ни го скратат сервисот. Оваа држава треба да функционира еднакво. Не може во Западна Македонија да важат други аршини, а во Скопје и источна Македонија да важат сосема други аршини. Сите корисници на новите провајдери добиле по 80 часа, додека овие корисници тука се по 50, 60, навистина не е фер. И тие четири часа што ги даваат се многу малку. Оваа Влада мора нас лицата со попреченост да не третира еднакво. Не може едни да живеат, а други да умират, додаде Алишан.
Весна Пешевска, негувател во Црвениот крст, рече дека веќе трети месец немаат земено плата.
- Исто така сме солидарни и со асистентите и со корисниците, да не се кратат нивните часови. Човекот е родител на дете со церебрална парализа кое има и други болести, значи два часа се многу малку. Значи упатуваме апел до сите структури, да погледнат со кои тешкотии се соочуваат семејствата, и часовите да се зголемат, а да не се намалуваат. Семејствата навистина се соочуваат со голема голгота и финансиска, и тие самите си знаат како поминуваат и уште правото да им се скрати, часовите да им се скратат на два часа, тоа е апсурд, тоа е срам, тоа е понижување на лицата со попреченост, истакна Пешевска.
Според неа, услугите на негувателите и на асистентите се многу потребни.
- Луѓето остануваат сами во домовите, главно се самци, нема кој да им помогне на старите изнемоштени луѓе, и кога не даваат надомест, негувателите се принудени да си одат, што тоа не е хумано. И за тоа пак упатуваме апел до државата оваа услуга да продолжи, затоа што е потребна. Има и други луѓе кои се ранливи, тоа се бездомниците. Тие не добиваат помош, умираат на улици, благодарение на нашата држава. Дојдовме ние негувателите да ги поддржиме асистентите и корисниците. Значи да не се укинува услугата ниту на негувателите, ниту на корисниците кои користат асистент, бидејќи е потребна. Бараме итна исплата на нашиот надомест до среда. Ако не се исплати, ние ќе пристапиме со сите законски регулативи, рече Пешевска.
Зоран Делевски, чиј син е во количка и е инвалидизирано лице со Церебрална и Паркинсонова болест ги повика надлежните да ги зголемат часовите за асистенција и да се исплатат хонорарите на овие лица.
- Апелирам до Центарот за здравство и социјални работи, да преземат одговорност и да ги зголемат часовите на лицата со посебни потреби. Може да се направи категоризација. Нека бидат три, но во секој случај да не биде намалување на часовите за лицата со посебни потреби, рече Делевски. рп/нд/
Фото: МИА архива