• недела, 19 април 2026

Филипче: СДСМ е подготвен за избори во секое време

Филипче: СДСМ е подготвен за избори во секое време

Скопје, 19 април 2026 (МИА) - СДСМ е подготвен за избори во секое време – утре, наесен или догодина, а целта е враќање на власта во рацете на граѓаните и обезбедување демократска власт која ќе го продолжи европскиот пат на државата, изјави денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција.

Филипче нагласи дека партијата ќе се бори за, како што рече, доброто на државата и дека на избори ќе победи демократијата над автократијата, а Европа над Русија.

- Ние сме подготвени за избори било кога. Ќе ја вратиме власта во рацете на граѓаните и ќе има демократска власт која ќе го продолжи европскиот пат на земјата, ќе ги унапредува меѓуетничките односи, нема да одзема веќе стекнати права, туку ќе ги зајакнува, и ќе работи на подобрување на односите со соседите - рече Филипче.

Тој оцени дека актуелната власт создава вештачки поделби и, како што наведе, вештачки непријателства со соседните земји, наместо да гради стабилни и добрососедски односи. Посочи дека младите не треба да ја губат надежта, уверувајќи дека, како што рече, Македонија може и ќе биде демократска држава исчистена од корупција.

- Кога СДСМ ќе ги добие изборите, кога и да се одржат, предвремени или редовни, ќе ја вратиме власта кај граѓаните и оваа земја ќе биде со нула корупција - порача Филипче.

Oдговарајќи на прашање поврзано со ставовите на градоначалникот на Крива Паланка и комуникацијата меѓу централната и локалната власт, Филипче оцени дека таквата соработка е позитивна и неопходна, но дека клучно е дали изнесените ставови се во согласност со волјата на граѓаните.

- Добро е кога централната и локалната власт комуницираат, но најважно е дали тоа што го кажува наводно градоначалникот е засновано на барањата и ставовите на граѓаните во Крива Паланка. Ако граѓаните и регионот го одобруваат тоа, нема проблем. Но ако не го одобруваат, тогаш јас и СДСМ застануваме на страната на граѓаните и нивните барања - истакна Филипче.

Тој повтори дека СДСМ секогаш ќе ја поддржува волјата на граѓаните и дека одлуките мора да произлегуваат од нивните реални потреби и очекувања. бк/вј/

Фото: Принтскрин
 

 

 

Остани поврзан