Калас: Критиките кон Европа за Блискиот Исток се нефер
- Калас нагласи дека Европа не ја создала актуелната криза на Блискиот Исток, но сепак се обидува да придонесе за регионалната стабилност.
Абу Даби, 9 април 2026 (МИА) – Шефицата на европската дипломатија Каја Калас ги отфрли критиките дека Европа не прави доволно на Блискиот Исток, оценувајќи ги како „нефер“.
- Секако дека сите можеме да направиме повеќе - изјави Калас за Си-ен-ен за време на посетата на Обединетите Арапски Емирати, но потсети дека Европа се соочува и со сопствени безбедносни предизвици, вклучително и четиригодишната војна на Русија против Украина.
- Не видовме, навистина, дека земјите од Заливот ни помогнаа таму - рече таа, додавајќи дека поддршката „не може да биде еднонасочна улица“.
Калас нагласи дека Европа не ја создала актуелната криза на Блискиот Исток, но сепак се обидува да придонесе за регионалната стабилност.
Таа ги посочи поморските операции за одржување на безбедноста во Црвеното Море, поддршката за либанските вооружени сили во борбата против Хезболах и Хамас, како и заложбите за решение со две држави во израелско-палестинскиот конфликт.
Дополнително, Калас ја истакна европската помош за Палестинската самоуправа и напорите за зајакнување на противвоздушната одбрана во регионот. ссм/
фото: ДПА