• сабота, 17 мај 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Калас: Вашингтон не ги искористи „сите свои инструменти“ за притисок врз Русија (ДПЛ)

Калас: Вашингтон не ги искористи „сите свои инструменти“ за притисок врз Русија (ДПЛ)

Брисел, 22 април 2025 (МИА) - САД не ги искористија „сите инструменти“ што им стојат на располагање за да извршат притисок врз Русија, изјави денеска високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Каја Калас.

Таа ја обвини Москва дека се обидува да купи време со велигденското примирје со Украина.

„Тие не го почитуваа прекинот на огнот. Јасно е дека Русија игра игри, се обидува да купи време и навистина не сака мир“, рече Калас во интервју за АФП, пренесува БТА

Минатата недела американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ги прекине американските напори за ставање крај на војната во Украина доколку Москва и Киев не постигнат брз и видлив напредок. Тој нагласи дека се надева на договор меѓу двете страни уште оваа недела.

За Каја Калас, 30-часовниот прекин на огнот што го објави Русија за време на викендот, во реалноста беше само измама за да се спречи американскиот претседател да „го загуби трпението“ со Кремљ.

- Тие мислат дека времето е на нивна страна, затоа не даваат никакви позитивни сигнали и не покажуваат добра волја, додаде таа.

Според шефицата на европската дипломатија, Киев и неговите европски поддржувачи се надеваат дека Вашингтон ќе усвои поостра линија кон Москва.

- Тие ги имаат инструменти во свои раце за да извршат вистински притисок врз Русија. Зошто не ги користат за да ја прекинат оваа војна? праша таа. „Ако сега се откажат без да ги користат овие алатки - големото прашање е зошто, нагласи Калас.

Според неа, САД би направиле грешка доколку размислуваат за признавање на Крим, украинска територија анектирана од Москва во 2014 година, како дел од договорот меѓу Русија и Украина. – за руска територија.

- Во ова сценарио, Русија очигледно ќе го добие она што го сака, предупреди Калас. Крим е украински. Многу е важно за оние кои се под окупација, останатите да не го признаат (Крим) како руски, нагласи таа.

Претходно денеска „Вашингтон пост“, повикувајќи се на добро информирани извори, објави дека САД предлагаат да се признае илегалната анексија на Крим од страна на Русија и да се замрзне фронтот како дел од мировниот договор.

Украина беше информирана за американските предлози на состанокот во Париз минатата недела, пишува изданието.

Во петокот, извори на Блумберг Њуз, исто така, соопштија дека Вашингтон е подготвен, како дел од мировниот договор меѓу Москва и Киев, да ја признае руската контрола врз полуостровот Крим, кој Москва го одзеде од Украина и го анектираше во 2014 година.

„Фајненшл тајмс“ објави, повикувајќи се на свои извори, дека Владимир Путин предложил запирање на непријателствата како дел од напорите за постигнување мир, при што предлогот на рускиот претседател предвидува и ефективно замрзнување на фронтот.

Според ФТ, Путин му го дал предлогот на специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, за време на неговата посета на Санкт Петербург на почетокот на овој месец. Покрај тоа, рускиот претседател дозволи можност Москва да се откаже од претензиите на областите на четирите делумно окупирани украински региони кои се уште се под контрола на Киев.ссм/

фото: архива

Остани поврзан