Исконска традиција на џоломари, изложба на фотографии во Музеј галерија Кавадарци
- Исконска традиција на џоломари, изложба на фотографии посветена на џоломарството во кавадаречко, беше отворена вечерва во Музеј галерија Кавадарци. Автор на изложбата е виш кустос, Томе Крстевски. Тој пред присутните рече дека значаен сегмент кај духовната култура на Македонците, но и пошироко на Балканот заземаат обредите со маски.
Кавадарци, 12 јануари 2026 (МИА) - Исконска традиција на џоломари, изложба на фотографии посветена на џоломарството во кавадаречко, беше отворена вечерва во Музеј галерија Кавадарци. Автор на изложбата е виш кустос, Томе Крстевски. Тој пред присутните рече дека значаен сегмент кај духовната култура на Македонците, но и пошироко на Балканот заземаат обредите со маски.
-Во нашата традиција обредите со маски се практикуваат главно во зимскиот период односно зимскиот обреден циклус, преминот од старата во новата година, преминот кон летниот циклус. Кога станува збор за маскирањето и обичаите под маски кај нас, може да се каже дека преовладува вистинско шаренило. Маскирањето и обичаите најмногу се застапени за време на зимскиот календар на народни прaзници, особено за време на божиќните празници, појасни Крстевски.
Притоа додаде дека целата модерна и постмодерна култура, е крајно интересна за проучување од аспект на изведување на традиционалните обичаи во модерен контекст.
-Тука се разгледуваат некои елементи на симулација што можат за се препознаат во изведувањето на обичаите пред се „коледувањето“. Всушност, овие обичаи не се ритуали со маски, туку современо чувство за ритуал и желбата да се сочува традицијата за употреба на маски во изведувањето, нагласи Крстевски.
Тој рече дека, како и кај другите народи, така и кај македонскиот народ, суштината на овие обичаи е сврзана за унапредување на вегетацијата и на плодноста. Патем сподели дека во овие обичаи богато е застапена магијата на плодност со чија помош се стремело кон постигнување на општа благосостојба и богатство на храна.
-Некои етнолози овие обичаи ги поврзуваат со зимската пресвртница и пролетна рамноденица, со смена на годишните времиња и повторниот почеток на обработка на земјата со посебен акцент на иницијалното, со кое дополнително се зголемуваат надежта за сигурна иднина и опстанок. Што се однесува до нивното потекло, според сценските дејствија и нивната содржина, според Д. Антониевиќ тие се остаток од дионизиските свечености, а нивниот карактер го поврзува со старите обреди на плодноста, а со оглед на времето кога се одржуваат, овие обичаи се поврзуваат со култот на мртвите, образложи Крстевски.

Тој подвлече дека во маскирањето може да се согледаат голем број драмски елементи пропратени со театралности и преоблекување. Притоа се задржа главно на зимските обредни игри во текот на празникот Василица, Новата година според стариот календар.
-Во претставувањето на обредот се среќаваат низа на симболички дејствија, палењето на „огнот“, што е во тесна врска со полната потенција и чинот на создавање. Се среќаваат еротски елементи со кои обредно се иницира создавање, оплодување, нов почеток, појасни Крстевски.
Покровители на изложбата се градоначалникот и Совет на Општина Кавадарци, а организатор, Локален Музеј галерија. Главен и одговорен уредник, Јаким Зимоски, инаку директор на културната установа, рече дека настанот претставува силна врска меѓу традицијата, културното наследство и современиот културен живот на градот. Притоа потсети дека оваа изложба е трет по ред настан организиран во рамки на богатата програма за 2026 година. Зимоски подвлече дека Музеј галеријата годинава слави педесет години од постоењето на институцијата, со педесет настани.
-До 7 септември, пред нас се уште 43 културни настани, со кои ќе се обидеме да понудиме содржина што ќе ги задоволи различните интереси и вкусови на нашата публика. Програмата опфаќа историски и етнолошки изложби и настани, фотографија, ликовни изложби, неколку перформанси, како и обележување на сите значајни датуми и настани поврзани со историјата и културниот идентитет на Кавадарци. Особено би сакал да најавам дека во текот на годината ќе се реализира и промоција на монографија за Музеј-галерија Кавадарци, збирка-ризница, како и фото-алманах со најзначајните предмети од музејската збирка, кои сведочат за богатството што го чуваме и негуваме. Ветуваме исполнета, динамична и интересна 2026 година во која културата ќе биде видлива, достапна и живо присутна во секојдневието на нашиот град, најави Зимоски.
Пред присутните се обрати и кураторот на изложбата, кустос Ангела Симонова. Фотографиите во рамките на изложбата се на Томе Крстевски и Тони Коцев.
Беше прикажан и краток филм за џоломарството. Изложени се и џоломарски реквизити. свд/
Фото: МИА