ИРНА: Индиректното учество на Трамп во преговорите во Женева е прашање од внатрешно значење за САД
- Извори блиски до иранската делегација изјавија за ИРНА дека Техеран сериозно учествува во преговорите барајќи отстранување на неправедните санкции во замена за потребната транспарентност во врска со нејзините нуклеарни активности.
Женева, 17 февруари 2026 (МИА) - Иран верува дека евентуалното индиректно учество на американскиот претседател Доналд Трамп во нуклеарните разговори е прашање од внатрешно значење за Вашингтон, а не за Техеран, објави иранската новинска агенција ИРНА повикувајќи се на извори блиски до иранскиот преговарачки тим.
Дописникот на агенцијата од Женева денеска објави дека, според овие извори, Исламската Република влегува во преговорите со јасна цел за укинување на санкциите и постигнување договор што ќе донесе опипливи придобивки за иранскиот народ.
Извори блиски до иранската делегација изјавија за ИРНА дека Техеран сериозно учествува во преговорите барајќи отстранување на неправедните санкции во замена за потребната транспарентност во врска со нејзините нуклеарни активности.
Во врска со извештаите за индиректното учество на американскиот претседател, ирански извори изјавија дека такво прашање не е иницирано со иранската страна додавајќи дека таквиот потег, веројатно, ја одразува желбата на Вашингтон да покаже дека разговорите влегуваат во одлучувачка фаза.
Оваа рунда индиректни разговори меѓу Техеран и Вашингтон почна денеска на пладне по претходните разговори што почнаа на 6 февруари во Мускат, Оман. Како дел од процесот, Иран и САД разменуваат ставови, размислувања и предлози преку шефот на оманската дипломтија, Бадр ал-Бусаиди.
И Иран и САД досега ги опишаа разговорите како позитивни и изразија подготвеност да ги продолжат.
Иран изјави дека учествува во разговорите одговорно и со решителност за решавање на непотребната нуклеарна криза додавајќи дека праведно решение останува можно доколку САД покажат доволна политичка волја. сд/мс/
Фото:МИА архива