Инфраструктурата и новите инвестиции во фокусот на Општина Гевгелија за 2026 година
- Завршување на започнати инфраструктурни проекти, обезбедување поволни услови за нови инвестиции и отворање работни места, се дел од приоритетите на Општина Гевгелија за 2026 година. Локалната самоуправа во претстојната година ќе располага со буџет од околу 14,5 милиони евра.
Гевгелија, 19 февруари 2026 (МИА) - Завршување на започнати инфраструктурни проекти, обезбедување поволни услови за нови инвестиции и отворање работни места, се дел од приоритетите на Општина Гевгелија за 2026 година. Локалната самоуправа во претстојната година ќе располага со буџет од околу 14,5 милиони евра.
Во моментов, на повеќе улици во градот се изведуваат градежни активности, во тек е реставрацијата на Старата чаршија, привршува реконструкцијата на најстарата спортска сала, а се подготвува и проект за уредување на кејот на реката Вардар.
Од кабинетот на градоначалникот Андон Сарамандов информираат дека во фокусот е финализирање на веќе започнатите проекти за подобрување на патната, комуналната и спортската инфраструктура.
- Во моментот на повеќе улици во градот се изведуваат активности за изградба на атмосферски канализациони системи и очекуваме трајно решение за овие локации, каде имавме огромни проблеми од обилните врнежи од дожд. Исто така, по скоро девет децении од изградбата на ДТВ Партизан во Гевгелија, подоцна преуреден во спортска сала, во тек се завршните активности за реконструкција на оваа најстара спортска сала и нејзина пренамена во мултифункционален објект за повеќе спортови, велат од кабинетот на градоначалникот.

Од општината информираат дека се подготвува и документација за изградба и уредување на кејот на реката Вардар, на потегот од мотелот „Вардар“ до граничниот премин „Богородица”, како и за изградба на нов градски плоштад.
Наскоро се очекува тендер за изградба на најголемиот парк во општината, кој ќе се протега на површина од 25.000 квадратни метри покрај Сува Река. Во тек е и изработка на техничка документација за секундарен сообраќаен влез и излез во градот, со поврзување на улицата „Борис Кидрич“ со локалниот пат кон Мрзенци.
Локалните власти најавуваат и активности за привлекување нови инвестиции и отворање работни места. Како позитивен пример ги посочуваат отворањето на трговскиот центар „Гевгелија мол“ во близина на граничниот премин „Богородица“, како и изградбата на голем трговски центар од 19.000 квадратни метри на влезот во градот, која е во завршна фаза.
Во 2026 година посебен акцент ќе се стави на туристичката промоција, со комплетирање на нов информативен материјал и реализација на инфраструктурни зафати. Планирана е изградба на велосипедска патека до манастирот „Св. Илија“, како и полетиште за параглајдери кај Стајка, во Серменин.
По изработка на детален урбанистички план, предвидено е и уредување на туристичката населба кај Конска брана, со што Гевгелија дополнително ќе го зајакне својот туристички потенцијал во наредниот период. рш/дма/
Фото: МИА