• петок, 21 февруари 2025

Израелската армија погодила неколку објекти на Хезболах во источен Либан

Израелската армија погодила неколку објекти на Хезболах во источен Либан

Тел Авив, 31 јануари 2025 (МИА) - Израелската армија утринава соопшти дека во текот на ноќта нападнала неколку локации на исламистичкото движење Хезболах во источен Либан и покрај прекинот на огнот што е во сила од крајот на ноември минатата година, пренесоа француските медиуми.

„Оваа ноќ, израелските воздухопловни сили погодија повеќе цели на терористите на Хезболах во долината Бекаа, што претставуваа закана“, соопшти армијата во пораката на социјалните мрежи, нагласувајќи дека „останува посветена“ на примирјето меѓу Израел и либанското движење.

Едно од нападнатите локации вклучувало „подземна инфраструктура што се користи за развој и производство на оружје“, соопшти војската. Тие додадоа дека нападнале и објекти „на сириско-либанската граница што ги користи Хезболах за транспорт на оружје наменето за Либан“.

Вчера израелската армија соопшти дека пресретнала беспилотно летало на Хезболах за кое се кажа дека се движело кон израелска територија. Војската го осуди чинот како кршење на договорот за прекин на огнот со кој заврши војната меѓу Израел и проиранското движење на 27 ноември.

Непријателствата меѓу Израел и Хезболах започнаа на 8 октомври 2023 година, еден ден по невидениот напад врз Израел од страна на палестинската група Хамас, сојузник на либанското движење, што предизвика војна во Појасот Газа, потсетуваат француските медиуми. сд/

Остани поврзан