• сабота, 17 јануари 2026

Избрана фирмата која ќе го изведе СКАДА системот на штипската водоводна мрежа

Избрана фирмата која ќе го изведе СКАДА системот на штипската водоводна мрежа

Штип, 27 декември 2025 (МИА) - СКАДА системот ќе биде прв капитален проект на ЈП „Исар“-Штип на почетокот на новата година. Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Александар Арсовски вели дека е избран економски оператор, кој ќе работи на изведба на СКАДА системот, со кој ќе се овозможи заштеда на загубата на вода низ водоводната мрежа. Дополнително тековно ќе се извршуваат и редовни активности како замена на водоводна мрежа, собирање смет и слично.

-Освен редовните активности, замена на стари дотраени водоводни и канализациски мрежи кои се наш врвен приоритет, ЈП „Исар“ од почетокот на наредната година очекуваме да почне да се инсталира СКАДА системот. Тоа беше макотрпен процес, со прибирање податоци од терен, подготовка на техничка документација, односно на основен проект, па обезбедување на финансиски средства и сега сме во фаза кога веќе е избран економски оператор кој ќе ја почне изведбата на СКАДА ситемот, изјави Арсовски.

Околу 600 илјади евра се обезбедени со цел да се имплементира СКАДА системот во Штип, со што ќе се овозможи на 35 точки во градот контрола на загубите на вода. Арсовски додава дека со импелементација на СКАДА системот, но и постојана работа на замена на старата и дотраена водоводна линија, како и изградба на резервоарите Мери и Пребег, се очекува Штип целосно да го реши проблемот со водоснабдувањето во градот. вдј/вј

Фото: МИА

Остани поврзан