• среда, 25 февруари 2026

Зголемен бројот на крводарувања во Куманово

Зголемен бројот на крводарувања во Куманово

Куманово, 5 февруари 2026 (МИА) - Општинската организација на Црвениот крст Куманово во текот на минатата година реализирала 37 организирани крводарителски акции, во кои биле евидентирани вкупно 2.966 крводарувања, информираа денеска од организацијата. Ова претставува пораст во однос на 2024 година, кога биле регистрирани 2.771 крводарување во рамки на 29 акции.

Според податоците од Црвениот крст, зголемувањето се должи на поголемата вклученост на граѓанските организации и приватните компании кои започнале да организираат крводарителски акции. На одделението за трансфузиона медицина при Општата болница во Куманово, крв најчесто даруваат редовни крводарители.

– Граѓаните сè повеќе ја препознаваат хуманата димензија на крводарувањето. Тоа е резултат на континуираните апели на нашата организација, одличната соработка со Институтот за трансфузиона медицина и поддршката од медиумите, изјави секретарот на Општинската организација на Црвениот крст Куманово, Ива Младеновска.

Во текот на јануари биле реализирани две редовни крводарителски акции – една во приватна лабораторија и една со членовите на рибарското друштво „Мак Дам“. Во февруари е одржана акција со членовите на здружението „Сила“, а во наредниот период се очекува крводарување од припадниците на Армијата и членовите на „Коледарскиот клуб“.

Од Црвениот крст Куманово најавуваат дека и годинава се планира приближно ист број крводарителски акции како и претходната година. ам/дма/

Фото: Црвен крст Куманово

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан