• понеделник, 06 април 2026

Заробен длабоко во иранските планини: детали за тајната операција за спасување на соборениот американски пилот

Заробен длабоко во иранските планини: детали за тајната операција за спасување на соборениот американски пилот

Си-ен-ен

6 април 2026

Ранетиот американски пилот, чиј авион беше соборен над Иран, успеал повеќе од еден ден да избегне да биде заробен криејќи се во планините пред да биде спасен во ризична операција од американски специјални сили, поддржани од авијацијата и разузнавачките служби.

Скриен во пукнатина на карпа во планински масив зад непријателските линии, точно знаел што треба да прави, како да преживее и да избегне заробување, пишува Си-ен-ен. Повеќе од еден ден офицерот за ракување со оружје на авионот F-15E Strike Eagle, соборен на иранска територија, успешно се криел избегнувајќи да биде заробен од иранските сили, кои се приближувале.

Во еден момент офицерот по суров терен се искачил на гребен на седум илјади стапки надморска височина носејќи со себе само пиштол, уред за комуникација и сигнален предавател.

Во високите планини бил испратен тим од американски командоси, поддржани од авијацијата, која со бомбардирање го расчистувала теренот, за да го пронајдат пилотот и безбедно да го извлечат. Според двајца американски официјални извори, во операцијата учествувале стотици припадници на американската армија и разузнавачките служби, вклучувајќи елитни единици, како Delta Force и SEAL Team Six, како и оперативци на ЦИА, кои спровеле операции за дезинформирање.

Операцијата донела повеќе непредвидливи ситуации, вклучително оштетување на два специјални американски авиони, што морало да бидат уништени на иранска почва за време на акцијата.

„ГО ИМАМЕ!“, напиша претседателот Доналд Трамп на социјалните мрежи, кој операцијата ја следеше од Белата куќа. „Американската војска изведе една од најсмелите операции за потрага и спасување во историјата на САД.“

Иранските државни медиуми објавија снимки и фотографии на кои се гледаат изгорени остатоци од повеќе летала во јужната провинција Исфахан по спасувањето на пилотот. На снимките се забележуваат уништени делови од авиони, вклучително и делови што личат на турбопропелерски мотори. Засега не е јасно за кои типови летала се работи, ниту кому му припаѓаат.

Државните ирански медиуми тврдат дека иранските сили собориле повеќе летала прикажани на објавените снимки, а претседателот Доналд Трамп во објава на платформата „Тру соушал“ не спомна загуби на авиони, но истакна дека во операцијата нема загинати или повредени американски војници. Американската војска сè уште не дала официјален коментар, објави Си-ен-ен.

Иранската армија соопшти дека во операциајта американските сили користеле напуштена писта. Преку анализа на сателитски снимки, Си-ен-ен потврди дека навистина постои мала писта, на 50-ина километри од градот Исфахан. Извршена е геолокализација на снимките преку споредба на планинскиот масив во заднина со сателитски снимки.

Спасувањето на офицерот на американската авијација стана апсолутен приоритет на американската администрација откако во петокот беше соборен авионот F-15E од 48. ловечко крило на амриканското воено воздухопловство распоредено во британската база „Ленкенхет“.

Двајцата пилоти се катапултирале, но локацијата на офицерот за ракување со авионското оружје била непозната. Со повреди добиени при катапултирањето тој се криел во пукнатина на карпа за да избегне откривање, а иранските лидери распишаа награда за негово заробување. Пилотот успеал да воспостави контакт со американските сили, но комуникацијата била повремена за да остане неоткриен.

Трамп во Вашингтон ја следел операцијата од Западното крило на Белата куќа движејќи се меѓу Овалниот кабинет и соседната трпезарија за да добива извештаи. Соборувањето на F-15E и можноста дека иранските сили погодиле уште и авион A-10 Warthog и хеликоптер го доведе во прашање тврдењето на администрацијата за воздушна надмоќ.

Трамп во саботата се откажал од партијата голф и останал во Белата куќа додека се правле подготовките за операцијата за влез во Иран за спасување на соборениот авијатичар.

Додека траеле подготвките за главната спасувачка операција, ЦИА спровела паралелна акција ширејќи дезинформации дека двајцата членови на екипажот веќе се спасени, со цел да ги збунат припадниците на Иранската револуционерна гарда, кои интензивно трагале по исчезнатиот офицер.

Израел одложи некои од планираните напади во Иран за да не го загрози текот на операцијата за спасување на американскиот пилот, изјави за Си-ен-ен израелски официјален претставник. Израел исто така обезбедил разузнавачка поддршка, според информации добиени од два извори на израелските служби.

ЦИА ја потвридила точната локација на офицерот и ја доставила до американските сили.

„Овој храбар воин беше зад непријателските линии во опасните планини на Иран. Додека непријателот го ловеше и му беше сè поблиску од час на час, тој никогаш не беше навистина сам“, напиша Трамп.

Додека американските специјалци се приближуваа кон планинското место, каде што се криеше офицерот, американски авиони изведуваа напади врз тоа подрачје за да спречат иранските сили први да дојдат до него. Трамп сето тоа го следел од Собата за кризни операции.

На напуштената писта во Иран два транспортни авиони „MC-130J“ чекале да ги евакуираат командосите и спасениот пилот, но за време на операцијата авионите биле оштетени. Американската авијација испратила нови летала и ги уништила оштетените авиони за да не паднат во ирански раце.

Во објава на социјалните мрежи Трамп најави дека в понеделник во 13 часот ќе одржи прес-конференција во Овалната соба, на која ќе ги изнесе деталите за операцијата. Тој истакна дека пилотот бил „тешко ранет“, „исклучително храбар“ и бил спасен „длабоко во планините на Иран“.

Претседателот ја нарече операцијата „НЕВЕРОЈАТНА демонстрација на храброст и вештина на сите учесници“. 

Остани поврзан