• четврток, 25 декември 2025

Завршна дискусија за усвојување на стратегијата за унапредување на родовата еднаквост во Куманово

Завршна дискусија за усвојување на стратегијата за унапредување на родовата еднаквост во Куманово

Куманово, 18 декември 2025 (МИА) - Завршна јавна дискусија за усвојување на стратегијата за унапредување на родовата еднаквост се одржа денеска во Куманово. Дискусијата ја организираше хуманитарното здружение „Мајка“, а презентацијата ја изработи интерсекторската работна група, составена од претставници од повеќе сектори од општинската администрација, институции, граѓански здруженија и членови на Советот на Општината.

-Стратегијата е стратешки документ и се носи за период од пет години со важност од 2026 до 2030 година и е формирана врз принципите на еднаквост, транспарентност, партиципативност, ефективност. Визијата е Општина Куманово да стане родово инезитивна општина со политики и практики кои придонесуваат за квалитетен живот помеѓу жените и мажите, изјави претседателката на „Мајка“, Лидија Илиевска.

Во Куманово, според последниот попис има повеќе жени 49.299 отколку мажи 48.805, од единаесет сектори пет се раководени од жени, поголем дел од училиштата.

Раководителот на секторот за социјална заштита, Александар Крстевски рече дека стратегијата произлегла од потребите на самата заедница и од граѓанскиот сектор.

- Први во Североисточниот плански регион ја носиме оваа стратегија. Важна ни е и за апликации од ЕУ, изјави Крстевски.

Претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска кажа дека Куманово има добар напредок и може да ги реализира клучните цели на стратегијата, особено внимание да посвети на економијата, за превенција од насилство, образование, социјална, детска и здравствена заштита и да ги вметне родовите аспекти во институционалниот развој на општината.

Развивањето на стратегијата за унапредување на родовата еднаквост во Општина Куманово, е реализирано во рамките на Јавен повик за финансиска поддршка за организирање на превентивни мерки и активности, во областа на социјална и детска заштита. Носител на проектот е Секторот за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита од Општина Куманово. Во јавната расправа учествуваа претставници од сите субјекти, кои работеа на изготвувањето на документот, кој треба да се усвои со одлука на Советот на Општина Куманово. ам/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан