Заврши есенската сеидба во битолскиот дел на Пелагонија
- Есенската сеидба во битолскиот дел на Пелагонија заврши, изјави за МИА Стојан Христовски, раководител на Подрачната единица (ПЕ) на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) во Битола.
Битола, 23 декември 2025 (МИА) - Есенската сеидба во битолскиот дел на Пелагонија заврши, изјави за МИА Стојан Христовски, раководител на Подрачната единица (ПЕ) на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) во Битола.
Според него, есенската сеидба успешно е реализирана, а пелагониските земјоделци може во наредните два дена, до 25 декември да ја искористат приликата и да поднесат барања за финансиска поддршка во органското производство.
-Пченицата беше планирана да се посее на површина од 12 000 хектари и тоа е целосно завршено, јачменот беше планиран да се посее на 2 700 хектари и тој е целосно посеан, исто така стопроцентно посеани се површините со фуражни култури кои во Пелагонија се на 300 хетари, додека на површина од 600 хектари, целосно е посеано тритикалето. Во оваа есенска сеидба маслодајната репка беше планирана на 11 000 хектари и исто така и таа е целосно посеана, потврди Христовски.
Од ПЕ на МЗШВ во Битола потсетуваат дека до 25 декември е отворен јавниот повик за земјоделците да аплицираат за финансиска поддршка во органското производство.
-Нашите канцеларии во Битола, Могила и Новаци се постојано отворени за информирање, помош и поддршка. Пепорачувам земјоделците да ја искористат финансиската поддршка за преработка на органски производи, поддршка има и за трговија или маркетинг на свежи и преработени органски производи, како и посебни директни плаќања за стручна контрола и сертификација, односно 50 насто од трошоците за добиен сертификат издаден од овластено тело во 2025 година, посочи Христовски.
Пелагониските земјоделци може да ја корстат подмерката за дополнителни директни плаќања за остварено производство на пченица, јачмен, сончоглед, маслодајна репка и афион која изнесува 6 000 денари по хектар и за афионова чушка која изнесува 18 000 денари по хектар, потоа директни плаќања за градинарски култури предадени во преработувачки капацитети, но и директни плаќања од подмерката за овошје предадено во преработувачки капацитети или кај регистрирани откупувачи. мт/мч/
фото: МИА