За љубителите на книги се отвора прв книжевен клуб во Богданци
- Под мотото „Ајде да читаме”, во општина Богданци вечер се отвора прв книжевен клуб, на иницијатива на богданските читатели, членови на градската библиотека.
Богданци, 17 февруари 2026 (МИА) - Под мотото „Ајде да читаме”, во општина Богданци вечер се отвора прв книжевен клуб, на иницијатива на богданските читатели, членови на градската библиотека.
Првата средба е закажана во 19 часот во просториите на Домот на културата „Бранд Петрушев”, а услов за да се биде дел од клубот е членство во библиотеката, како и желба за читање книги.
- Идејата ја имаме одамна, затоа по иницијатива на читателите од нашата општина и со намера да се разработи и промовира библиотеката, која функционира во рамки на Домот на културата, одлучивме да ја реализираме. Книжевноста беше една дејност која ни фалеше, покрај досегашните секции со кои сме активни, а тоа се ликовната, драмската и музичката. На средбите во книжевниот клуб, кои за почеток ќе се одржуваат еднаш месечно, ќе учествуваат наставници и професори по јазици од основното и средното образование, ученици и останати читатели кои се редовни корисници на библиотеката, а повикот е упатен и до сите богданчани од сите возрасти. Овде може да се сретнат сите љубители на пишаниот збор и да поразговараат на тема „книги”, тема која за жал сѐ помалку е актуелна во денешно време, вели Бранко Сапламаев, директор на ЈОУДК “Бранд Петрушев”.
Од установата најавуваат дека во планот за работа во претстојната година е промоција, надградба, унапредување и збогатување на градската библиотека со повеќе примероци од книгите, како и нови наслови, но и зголемување на бројот на членови.рш/са/
Фото:МИА