• сабота, 04 април 2026

За уште две недели ќе продолжи мерката за намалено ДДВ за горивата од 10 проценти, најави Мицкоски

За уште две недели ќе продолжи мерката за намалено ДДВ за горивата од 10 проценти, најави Мицкоски

Скопје, 4 април 2026 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски најави дека за уште две недели ќе продолжи мерката за намалено ДДВ за горивата од 10 проценти.

За понатаму, како што кажа премиерот, ќе се следи состојбата и ќе се реагира навреме. 

-Робусните мерки се првиот чекор кој го преземаме. Очекуваме тоа да влијае при контрола на инфлацијата. Очекувам инфлацијата во март да се движи накаде на половина од тоа што било лани во март, односно да биде некаде помеѓу 4 и 5 проценти. Цениме дека овие први робусни чекори го даваат својот ефект. Министерството за финансии анализира за сите основни прехранбени производи кои се со 5 проценти ДДВ да ги намалиме на 0 проценти, но тоа е премалку во споредба со овие поголеми мерки кои ги преземаме, рече Мицкоски во изјава при денешната посета на Општина Илинден.

Владата на 22 март донесе две важни одлуки, намалување на ДДВ за горивата и ослободување на количини на мазут од државните резерви, со цел да се спречи зголемување на цената на производите и на електричната енергија, како дел од мерките за ублажување на ценовниот скок на горивата.

Тогаш Владата информираше дека е донесена и одлука за прогласување кризна состојба на целата територија, со цел да се овозможи соодветно законско постапување и институциите да можат ефикасно да ги спроведуваат мерките. сст/дма/

Фото: принтскрин

 

 

 

Остани поврзан