• понеделник, 15 декември 2025

Животните приказни на Братислав Димитров: Родител за една минута

Животните приказни на Братислав Димитров: Родител за една минута

Скопје, 15 декември 2025, (МИА)

Братислав ДИМИТРОВ

После славните книги „Менаџер за една минута“ од Кен Бланшард и „Швалер за една минута“ од Цанко Курбла, јас решив да напишам книга со наслов „Родител за една минута“. Издавачот беше воодушевен од мојата идеја и реши да ја печати книгата, но само под два услови: Да се смени насловот и јас да не ја пишувам книгата. На сите нѝ лекна. Како да ги воспитуваме децата кога ние самите не сме воспитани? Кога се мали, ги учиме да одат и зборуваат. А кога ќе пораснат им свикуваме: „Седи и ќути!“ Еден колега (родител) одамна напиша: „Кога ќе забележиме дека децата почнуваат да личат на нас, во истиот миг треба да престанеме да ги воспитуваме!“

Не е лесно на Балканов да бидеш било што, а камоли дете или родител. Секој што му штрчат влакна од носот мисли дека е мачо тип. Женски што носат ист број кондури како Џејн Фонда, се сметаат за феминистки. Тие што никој не ги разбира, се прогласуваат за филозофи и уметници. Намќори кои го сакаат само газдата на сопственото куче, се претставуваат како „десничари“. А весељаците што се смеат и на брашно, се сметаат за „левичари“. Поповите се бават со политика, а политичарите звучат како проповедници. Тука секој што нема сопствен став и е голема мрза, се претставува како „неопределен“, плус се фали со тоа! А јас? Јас сум безнадежно пропаднат педагог.

Таа 1989 година живеевме во друга држава и во еднопартиски систем. И додека во богатите држави децата ги учеа да штедат и самите да заработуваат, кај нас школството ги учеше дека нашата татковината е богата со рудни, шумски, водни, петрохемиски и разни други богатстава, а особено со новогодишни пакетчиња. Само последново беше најточно. Тогаш новогодишни пакетчиња имаше за сите деца, освен за тие што немаше.

На 31 Снежник (декември) таа 1989 година, дедо Господ го фрли најбелиот и најголемиот снег врз нашето маало. Кога некој ќе се вратеше од пазарање, домашните не го пуштаа да влезе дома се додека снегот не се стопи од него. Често пати туѓи луѓе им влегуваа дома. Брзајќи да се стоплат ја погрешиле вратата! Иако тогаш многу работи беа за никаде, ние стигавме насекаде. Секоја зима ја дочекувавме со истата радост и возбуда. Денес и при најмал снег или дожд, кукумјавчиме, се жалиме и се лигавиме по сите можни медиуми и седенки. Станавме како принцезата на зрното грашок. Гледано од планетата Венера, Скопје изгледаше како лебед кој тивко плови во морето маалски приказни. Возрасните печеа костени, тикви, пченки и компири. Се пиеше варена ракија, вино со чварки, салеп со цимет, а некој скришно и „вишновка“, да не кажам со кој. Децата се валкаа по снегот, правеа Снешко, куќарки и фрлаа снежни топки, на кои најмногу им се радуваа стакларите.

Тој ден ги земав од градинка моите две синчиња. Кога стигнавме до самопослугата „Славија“ (или „Центро?“) тие се залепија за излогот и никако да мрднат. Им кажувам дека дома имаат по седум убави новогодишни пакетчиња и дека  овие се лоши и скапи. Бадијала. Како да му објасниш на дете што е инфлација и „смрзната плата?“ Не си одат додека не им купам уште по едно пакетче од проклетиот излог. Кажував уште многу педагошки мисли и мудри поговорки, но од другата страна постојано ме сочекуваше истата гласна реплика: „Пакетчеее... !“ Тогаш добив идеја за настава во природа и повторно ги седнав во „фичото“. Тргнавме накај (тогаш циганска) а сега ромска населба Шутка. Патем им објаснував дека не е фер тие да имаат по осум пакетчиња а некои деца немаат ниту едно. Најдобро е, ако купиме уште пакетчиња, да ги дадеме на деца без родители. Погледнав во ретровизорот за да видам колку сум убедлив. Според изразот на нивните лица, сфатив дека сум „вицкаст ко слон у купаќи гаќи“.

Паркиравме до трошните куќички во Шутка и јас пораснав во сопствените очи како родител и педагог. Во истиот миг моите деца станаа сериозни и со неверување гледаа во сиромашниот пејсаж. Група ромчиња иако полуголи, бушави и неухранети, весело џагореа на сите страни. И додека стоевме во таа педагошка тишина, Иван и Димитар скоро истовремено свикаа: „Тато гледај! Она дете оди босо по снегот!?“ Назад се возевме во уште подлабока тишина. Кога погледнав во ретровизорот, ги видов нивните тажни и замислени очи. А себе си не се погледнав, за да не си го расипувам расположението.

Излегуваме од „фичото“, пополека и свечено одиме накај дома, како луѓе што завршиле голема работа во животот. И кога инспириран од моментот, дефинитивно решив да ја напишам книгата „Родител за една минута“, стасавме до излогот на „Центро“ (или „Славија?“) и тогаш како од топ ја слушнав добро познатата реплика: „Пакетчеее... !“

Добро. Сака време. Не можеш да ги воспиташ децата за една минута, ако претходно не си ги воспитувал цела година. Нема проблем. Ќе го сменам насловот: „Родител за една година“. Или да додадам уште време? Како на пример, „Родител за цел живот“. Звучи убедливо, барем вториот дел од насловот. На цела мака, пред самопослугата („Славија!“) еден комшија ми го постави најоргиналното прашање, „дали сум бил спремен за дочек на Новата година?“ Јас сум одамна спремен. Прашањето е дали Новата година е спремна да ме дочека мене? Ги купивме фамозните пакетчиња и влеговме дома. Децата почнаа со чоколадите а јас со мојата книга...

Во Македонија живеат сиромашни родители со богати деца. (Женски не спомнувам, забрането ми е). Дека не претерувам, сведочи здужението на родители кое прв пат е оформено во Америка. Еднаш неделно паталците се состануваат и секој од нив се жали од сопствените деца. На челата носат длабоки брчки а на реверите големи беџови на кои пишува: „Иако сме родители и ние сме луѓе!“

Како и да е, што и да е, добро е. Баш фино што ние си живееме на Балканов. Ако ништо друго, барем сме среќни. Не ви се верува?

И мене.

Остани поврзан