Експерти: Бројот на гладни во Сомалија се удвои на 6,5 милиони за една година
- Бројот на луѓе кои се соочуваат со акутен недостиг на храна во Сомалија се удвои во рок од една година, достигнувајќи 6,5 милиони, предупреди глобалниот монитор за глад.
Могадишу, 25 февруари 2026 (МИА) - Бројот на луѓе кои се соочуваат со акутен недостиг на храна во Сомалија се удвои во рок од една година, достигнувајќи 6,5 милиони, предупреди глобалниот монитор за глад.
Податоците доаѓаат од Интегрираната класификација на фазите на безбедност на храна (IPC), иницијатива на телата на ОН и хуманитарните агенции.
Во извештајот објавен вчера се наведува дека околу 1,8 милиони сомалиски деца се изложени на ризик од акутна неисхранетост. Сомалија има население од околу 19 милиони жители.
Според системот за тревога на IPC од пет нивоа, делови од Сомалија моментално се класифицирани во фазите 3 и 4, што одговара на нивоата на „криза“ и „вонредна состојба“ во однос на несигурноста со храна.
Околу 2 милиони луѓе се наоѓаат во Фаза 4. Петтото и највисоко ниво е состојба на „глад“, пренесе ДПА.
Влошувањето на безбедноста со храна е поттикнато од долготрајната суша и растот на цените на храната. Владата на Сомалија прогласи вонредна состојба поради сушата кон крајот на 2025 година.
Постојаната несигурност во голем дел од земјата, каде што е активна исламистичката милитантна група ал-Шабаб, дополнително ја отежнува ситуацијата. Оваа нација на Рогот на Африка е тешко погодена од климатските промени и претрпе голема суша и во 2022 година. јт/
Фото: ИПЦв