• петок, 15 мај 2026

Економскиот експерт Нику Спринчан за МИА (2): Како да ги зачувате вашите заштеди, која е губитничка стратегија при купување недвижности, каде да се инвестира во 2026 - биткоин или злато

Економскиот експерт Нику Спринчан за МИА (2): Како да ги зачувате вашите заштеди, која е губитничка стратегија при купување недвижности, каде да се инвестира во 2026 - биткоин или злато

Скопје, 12 мај 2026, (МИА) -  За македонски штедач, кој поседува одредена заштеда, валутниот ризик е релативно низок бидејќи денарот е врзан за еврото, што ги ограничува грижите за краткорочна девалвација. А кога станува збор за инвестирање, може да се инвестира и во краткорочни обврзници или во инвестицски фондови. Ако се мислите меѓу биткоини или акции од технолошки компании, тогаш подобра опција се акциите, советува економскиот експерт Нику Спринчан во вториот дел од интервјуто за МИА.

Во првиот дел од разговорот со Спринчан, вонреден професор на Универзитетот „Александру Јоан Куза“ во Романија и меѓународен експерт за финансиска стабилност, ги анализиравме причините за високите цени на Балканот и глобалните ризици од стагфлација.

Во овој втор дел нуди конкретни насоки за личните финансии: како да се заштити капиталот, дали е време за станбени кредити и кои работни места во банкарскиот сектор први ќе бидат заменети од вештачката интелигенција (AI).

„Ниту златото ниту биткоинот не понуди заштита на капиталот за време на неодамнешниот геополитички конфликт. Само нафтата обезбеди краткорочна заштита (хеџинг), но тоа се должеше на економскиот канал активиран од самиот конфликт. Недвижностите во Западен Балкан продолжуваат да добиваат на вредност поради урбанизацијата и приливот на дознаки од странство. Сепак, на краток рок тие носат значителен ризик од ликвидност бидејќи имотот тешко се продава бргу во услови на економски пад“, вели професорот Спринчан за тоа како да се заштити капиталот.

Професоре Спринчан, според Вас, која класа на имот во 2026 година е најсигурна за заштита на капиталот: недвижностите, златото или т.н. тех-акции (акции на технилошките компании)?

- Не постои единствен точен одговор - тоа фундаментално зависи од временскиот хоризонт на инвеститорот и неговата толеранција на ризик. Историски гледано, златото е најсигурниот чувар на вредноста за време на геополитички кризи. Со оглед на тоа што извештајот на ММФ од април 2026 година ја идентификува војната на Блискиот Исток како главна закана за глобалната стабилност, дефанзивните карактеристики на златото се особено релевантни во моментот. Сепак, една неодамнешна студија на Палтриниери и сор. (2026) откри дека ниту златото ниту биткоинот не понуди заштита на капиталот за време на неодамнешниот геополитички конфликт. Само нафтата обезбеди краткорочна заштита (хеџинг), но тоа се должеше на економскиот канал активиран од самиот конфликт. Недвижностите во Западен Балкан продолжуваат да добиваат на вредност поради урбанизацијата и приливот на дознаки од странство. Сепак, на краток рок тие носат значителен ризик од ликвидност бидејќи имотот тешко се продава брзо во услови на економски пад. Од друга страна, на долг рок тие може да послужат како солидна заштита од инфлација. Иако технолошките акции нудат најголем потенцијал за долгорочен поврат, тие исто така покажуваат најголема краткорочна нестабилност, што ги прави попогодни за раст на капиталот отколку како сигурно засолниште. За повеќето поединци, поразумен пристап е диверзификацијата - распределба на дел од средствата во злато, локални недвижности (доколку е изводливо) или фондови за недвижности (REITs), покрај акции од разни индустрии и пазари (или ЕТФ-фондови) наместо фокусирање на само една класа на имот.

Дали е финансиски оправдано да се земе станбен кредит во тековниот амбиент на каматни стапки или купувачите треба да почекаат на корекција?

- Иако оваа одлука е суштински субјективна, економскиот контекст е клучен фактор што мора да се земе предвид. Поради тековниот конфликт на Блискиот Исток и последователниот шок на цените на енергијата што врши притисок врз инфлацијата, се очекува централните банки да ги задржат повисоките каматни стапки на подолг период. Ова може да подразбира дека каматите за станбените кредити ќе останат високи и во 2026 година. Доколку купувате живеалиште за долгорочно користење и доколку можете да си ги дозволите месечните рати - дури и со повисоки стапки од моментно достапните (на пример, за два процентни поени повисоки) - тогаш чекањето хипотетичка корекција, која можеби никогаш нема да се случи, би била губитничка стратегија. Дополнително, доколку каматните стапки паднат во иднина, секогаш постои можноста за рефинансирање. Во контекст на шпекулативно купување (инвестиција), сегашната состојба на зголемена неизвесност налага повисок степен на претпазливост. Во двата случаи приоритет треба да биде обезбедувањето станбени кредити со фиксна каматна стапка онаму каде што се достапни, со цел да се искористат денешните стапки пред каков било потенцијален пораст (предизвикан од можни нови шокови).

Кој е најдобриот начин да се заштити заштеда со средна големина (на пр., 20.000-50.000 евра) од девлавација, без да се преземат екстремни ризици?

- Ова исто така зависи и од девизниот режим. За македонски штедач, кој поседува ваква сума, валутниот ризик е релативно низок бидејќи денарот е врзан за еврото, што ги ограничува грижите за краткорочна девалвација. Сепак, неопходно е да се признае дека позначајни ризици произлегуваат од инфлацијата, постепеното еродирање на куповната моќ и опортунитетниот трошок од чувањето на средствата во депозити со низок принос. Оптималната стратегија честопати се карактеризира со диверзификација помеѓу разни видови имот, што подразбира одржување ликвидни средства во стабилни валути, како што се еврото (EUR), американскиот долар (USD) или швајцарскиот франк (CHF), на пример преку девизни депозити. Други потенцијални инвестициски инструменти вклучуваат краткорочни обврзници деномирани во странска валута, обврзници поврзани со инфлацијата и глобално диверзифицирани ЕТФ-фондови. Златото и инструментите поврзани со злато исто така може да се користат како средство за заштита (хеџинг) од инфлација и геополитички ризик. Важно е да се диверзифицира.

За мал инвеститор, кое би било некое конкретно и посигурно вложување: биткоин или инвестициските фондови фокусирани на вештачка интелигенција (ВИ)?

- И двете опции носат значителен ризик за мал инвеститор со ограничен капацитет да ги апсорбира загубите, па затоа би препорачал претпазливост. Биткоинот доживеа значителна волатилност и формално влезе во територија на пазар на мечки (bear market) кон крајот на 2025 година паѓајќи за речиси 30 % под својот врв од октомври. Неговата корелација со пазарот на капитал исто така се зголеми, особено во кратки периоди по здравствената криза предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, што значи дека тој веќе не го обезбедува истото ниво на диверзификација. Сепак, на долг рок заедничкото движење на биткоинот со акциите и обврзниците е ниско, а неговите историски приноси се многу повисоки од оние на сите главни класи на имот. Вештачката интелигенција е популарна тема во моментот и иако нејзиното прифаќање е сè уште скромно во многи сектори, таа би можела да доведе до зголемена продуктивност, како што е наведено во најновиот економски преглед на ММФ. Како последица на тоа, ВИ-компаниите имаат релативно високи валуации во споредба со нивните конкуренти во другите сектори, учествуваат со значаен дел во капитализацијата на берзата и поттикнуваат голем дел од растот на капиталните расходи на корпорациите. За да ги одржат своите приходи, многу ВИ-компании се потпираат на финансирање преку долг, што ги зголемува нивните соодноси на задолженост. На крајот, ова може да има реперкусии врз финансиската стабилност. Треба да се потсетиме на еуфоријата од крајот на 90-тите и почетокот на 2000-тите, која доведе до т.н. dot-com балон, поттикнат од значителни инвестиции во компании базирани на интернет. Сепак, диверзифицираните фондови фокусирани на ВИ, кои инвестираат во добро етаблирани технолошки компании со докажани текови на приходи, имаат тенденција да бидат потранспарентни и подобро регулирани од биткоинот. Тие исто така може да понудат изложеност на вистински долгорочен тренд на продуктивност. Биткоинот останува високо шпекулативен имот за инвеститори со ограничено финансиско знаење, на кои може да им биде предизвик да управуваат со неговата значајна волатилност на цените.

Кој е Вашиот совет за домаќинствата што се борат со зголемените рати за станбени кредити - рефинансирање или агресивна отплата на главнината?

- Најсоодветниот пристап зависи од условите на постојниот кредит. Кога сте соочени со променлива каматна стапка кај станбениот кредит, која значително пораснала, генерално се смета за паметно да се изврши рефинансирање со фиксна стапка во прифатливи рамки. Ова е така бидејќи ви дава извесност и ве штити од идни зголемувања на каматите и покрај вклучените трансакциски трошоци. Меѓутоа, кога рефинансирањето не е изводлива опција или станува прескапо, агресивната отплата на главнината може да биде добра финансиска одлука. Со намалување на главнината за едно евро, вие го избегнувате целосниот трошок за камата на тој износ до крајот на периодот на отплата. Ова е особено поволно во периоди на ниски каматни стапки на депозитите бидејќи го намалува опортунитетниот трошок од користењето на заштедите за отплата на долгот. Исто така, овој пристап им се препорачува на поединци со стабилен прилив на готовина.

Зошто каматните стапки на депозитите остануваат блиску до нула, а каматите на кредитите вртоглаво пораснаа? Дали банкарскиот сектор во нашиот регион е неправедно заштитен на сметка на граѓаните?

- Ова е оправдана и значајна загриженост. Каматната маржа, односно разликата помеѓу каматните стапки за кредити и за депозити, значително се зголеми во Западен Балкан надминувајќи го просекот на ЕУ. Нухиу и сор. (2024) известуваат дека оваа маржа во ЕУ во 2020 година се движела од 3,35 % до 3,71 %, а кај шесте земји од Западен Балкан (WB6) варијацијата е значително поголема - помеѓу 1,15 и 7,53 %. Овој феномен е показател за суштинска карактеристика на банкарските пазари, кои ги одликува ограничена конкуренција. Во контекст на Северна Македонија, каде што мал број големи банки доминираат во финансискиот сектор, овие институции се соочуваат со намален конкурентски притисок да ги пренесат зголемувањата на каматите врз своите штедачи. Понатаму, помалку развиените земји се склони кон помалку ефикасни регулаторни рамки, ограничен пристап до надворешно финансирање, информациска асиметрија, пазарни несовршености и намалени нивоа на финансиско посредување, што придонесува за поширока маржа. Навистина, домашните кредити доделени на приватниот сектор во регионот (47,3 % од БДП во 2020 - 2023 година) остануваат под просекот на ЕУ (86 %). Исто така, присуството на многу ниски нивоа на нефункционални кредити е показател за екстремно конзервативни практики на позајмување, при што банките применуваат огромна претпазливост при одобрувањето кредити, особено за малите и средните претпријатија.

Кои три специфични работни позиции во секторот банкарство и финансии први ќе исчезнат поради интеграцијата на вештачката интелигенција (ВИ) во следните 24 месеци?

- Извештајот за „Иднината на работните места 2025“ на Светскиот економски форум (WEF, 2025) ги идентификува финансиските услуги и пазарите на капитал како едни од секторите што се најизложени на автоматизација. До 2030 година процентот на задачи што ги извршуваат претежно луѓе ќе се намали од 44 на 28 %. Дополнително, извештај на Citigroup откри дека 54 % од финансиските работни места имаат висок потенцијал за автоматизација - повеќе од кој било друг сектор. Врз основа на анализата од извештајот на WEF, како и доказите од раното усвојување на ВИ од страна на големите банки, трите позиции под најнепосреден притисок за замена се: Прво, шалтерските работници во банките. Проширениот дигитален пристап, обработката на трансакции со помош на ВИ и континуираната миграција на банкарството на мало кон дигиталните канали значат дека основната функција на шалтерскиот работник - ракување со готовина, основна обработка на трансакции и прашања поврзани со сметките - целосно се автоматизира. Второ, службениците за обработка на кредити и процена на кредитоспособноста, како и персоналот во заднинските операции (back-office), кои вршат рутинска проверка на документи. Вештачката интелигенција сега може да ги прегледува апликациите, да ги верификува податоците и да изработува процени на ризик побргу и поконзистентно од човечкиот кадар. Трето, аналитичарите за усогласеност (compliance analysts) ангажирани во KYC-проверките („Запознај го својот клиент“) и мониторингот на трансакции за потребите на AML (спречување перење пари). Моделите на вештачка интелигенција може да обработуваат огромни количини податоци со многу поголема прецизност.

Дали криптовалутите, конечно, станаа легитимен метод за плаќање или остануваат шпекулативна алатка за коцкање?

- Криптовалутите заземаат сè покомплексна „средна зона“. Постигнат е значителен напредок во поглед на легитимитетот: Соединетите Американски Држави го усвоија Законот за стабилните монети (GENIUS Act) во 2025 година, ЕУ ја воведе Регулативата за пазари на крипто-искуства (MiCA), а институционалните инвеститори, вклучително и големите банки и државните фондови, сега поседуваат биткоин. Понатаму, регулираните ЕТФ-фондови и фјучерс-договорите го внесоа биткоинот во главните финансиски портфолија. Сепак, за просечниот поединец, криптовалутите претежно се сметаат за шпекулативна инвестиција, а не за практично средство за секојдневни трансакции. Прифаќањето на овие монети во супермаркетите е ограничено, нивната волатилност на цените го попречува нивното користење за дефинирање на цените, а мерките за заштита на потрошувачите се помалку робусни во споредба со оние за банкарските депозити или картичните плаќања. Евидентно е дека светот на криптовалутите достигна одредена мера институционален легитимитет. Сепак, тој допрва треба да еволуира во практичен и широко прифатен метод за плаќање за пошироката јавност. Доколку ги разбирате ризиците, можете да ги користите за мала шпекулативна распределба на средствата, но не потпирајте се на нив како на пари бидејќи тие сè уште не ги исполнуваат традиционалните функции на парите: средство за размена, единица мерка за вредност и чувар на вредноста. ма/дј

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан