Управата за водење на матични книги утре во еднодневен бојкот поради непочитување на Колективниот договор
- Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ) и вработените во Управата за водење на матични книги најавија еднодневен прекин на работата на 16 декември 2025 година, како знак на револт поради, како што велат, долгогодишно непочитување на Колективниот договор и игнорирање на нивните барања за подобри услови и повисоки плати.
Скопје, 15 декември 2025 (МИА) - Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ) и вработените во Управата за водење на матични книги најавија еднодневен прекин на работата на 16 декември 2025 година, како знак на револт поради, како што велат, долгогодишно непочитување на колективниот договор и игнорирање на нивните барања за подобри услови и повисоки плати.
Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески, истакна дека вработените работат под голем притисок и со доверливи документи, а државата со години не ги исполнува ветувањата.
- Конфедерацијата веќе со години се обидува да се потпише колективен договор во деловите што вработените ги заслужуваат. Сите велат дека заслужуваат 20% зголемување за специфичноста и тежината на работата. Но до ден-денес немаме конкретно решение и сме принудени да преземеме ваков чекор, изјави Ристески.

Тој додаде дека утре, во вторник, вработените ќе бидат на своите работни места, но нема да работат и нема да се издаваат никакви документи, решенија или одлуки.
- Разговаравме со раководството, со Министерството за дигитална трансформација, со советникот на премиерот. Ни беше ветено пред избори, за време на избори и по избори. Но ништо не се случи, нагласи Ристески, додавајќи дека доколку нема промени, можно е и продолжување на блокадата, па дури и генерален штрајк.
Потпретседателот на независниот синдикат на Управата за водење на матични книги, Насер Џемаили, предупреди дека на институцијата ѝ се неопходни нови кадри кои си заминуваат од Управата поради ниски плати.
- Граѓаните треба да знаат дека утре нема да работиме. Се подготвуваме и за генерален штрајк, затоа што немаме каде повеќе. На никого не му е гајле за вработените во Управата. Во Управата има околу 350 вработени, сите со минимална плата. Потребни се најмалку 90 нови вработувања, но одобрени се само 20 на државно ниво. Дел од кадарот заминува во пензија или ја напушта институцијата поради ниските примања, изјави Џемаили.
Тој потсети дека Управата е една од најважните институции во државата.
-Без изводи, без запишување бракови, на умрени – ништо не може да се случува. Дури ни кредити не можат да земат граѓаните без венчаница или извод,“ додаде тој.ар/са/
Фото:МИА