• вторник, 07 април 2026

Доксевски за МИА: Новото издание на „Браќа Манаки“ ќе ја надмине максималната бројка на пријавени филмови досега и тоа е одлична вест за фестивалот

Доксевски за МИА: Новото издание на „Браќа Манаки“ ќе ја надмине максималната бројка на пријавени филмови досега и тоа е одлична вест за фестивалот

Битола,  април 2026 (МИА) -

Марјан ТАНУШЕВСКИ

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ е ценет фестивал насекаде во светот не само во регионот и Европа. Како прв и најстар фестивал во светот што ја слави уметноста на филмската камера е македонски бисер во филмскиот свет. Нашата задача е ИФФК „Браќа Манаки“ да продолжи да биде препознатлив по својата уникатност, интимноста и посебниот шарм, кои само во Битола се доживуваат на тој начин - вели во интервју за МИА, Димитрија Доксевски, директор на ИФФК „Браќа Манаки“.

- Ако ја разгледате историјата на фестивалот, ќе видите една многу интересна и за мене инспиративна линија, луѓе што доаѓале како млади автори, со свои филмови во селекција, како дебитанти или добитници на наградите „Камера 300“, а потоа години подоцна се враќаат како лауреати, членови на жири или предавачи. Тоа е, всушност, најискрената форма на поддршка, континуитетот. Фестивалот од секогаш ги негувал кинематограферите во подем, тоа е едно од многуте богатства на фестивалот. Тоа е во кодот на фестивалот - вели првиот човек на „Браќа Манаки“.

Оваа година тој најавува повеќе фокус на младите кинематографери, оние во подем, кои, вели, се важен сегмент што треба да се негува во рамките на фестивалот.

- Работиме на тоа да донесеме поголем број млади кинематографери во Битола, да им овозможиме директен контакт со врвни автори, пристап до мастер-класи, но и, можеби најважно, да бидат дел од таа жива, неформална мрежа што се создава за време на фестивалот. Фестивалот „Браќа Манаки“ од своето основање има еден многу јасен и би рекол редок фокус: тоа е славење на уметноста, маестралноста на кинематограферот. И токму затоа поддршката на кинематограферите во подем не е нешто што ние дополнително го воведуваме, туку нешто што е вградено во самиот код на фестивалот. Вистинската вредност на „Браќа Манаки“ не е само да ги слави големите имиња, туку и да ги препознае оние што допрва ќе станат такви - потенцира Доксевски.

Годинава фестивалот ќе се одржува од 19 до 25 септември во Битола и, според Доксевски, се очекува до јуни, кога треба да заврши повикот за учество на фестивалот, да се надмине максималната бројка на пријавени филмови досега. - Тоа е одлична и возбудлива вест за сите нас - потврди Доксевски.

Во продолжение следува интервјуто со Димитрија Доксевски, директор на ИФФК „Браќа Манаки“, фестивал што ги слави уметноста и маестралноста на кинематограферите. Фестивал кој не само што ги слави големите имиња, туку и ги препознава младите кинематографери, оние што допрва ќе станат такви.

Дали се остварија Вашите главни цели кои пред себе ги поставивте како прв човек, директор на ИФФК „Браќа Манаки“?

- Кога ќе заврши нешто што сте го подготвувале со огромна љубов, посветеност, жар, очекувања, емоција, амбиција, нешто за што имате огромна одговорност, стрес, во исто време ве исполнува и возбудува, следува период на преиспитување. Период на евалуација. Размислувам и се обидувам да најдам одговор што е она што беше најзначајно, што е тоа што недостигаше и што може да се подобри. Секогаш се преиспитувам што направив, што можеше и дали можеше подобро. Тоа во голема мера ги задава насоките и целите за следното ново издание. Оттука, мислам дека не може само просто да се „чекира“ постигната цел, туку сметам дека за ваков комплексен проект поадекватно ми е важно да се нотираат потенцијалните проблематични сегменти, односно да се освестуваат работите кои може постојано да се надградуваат и подобруваат во квалитетот и содржината. Кога дојдов, сакав фестивалот да го задржи својот интегритет, но и традиција, својот уникатен сјај, шарм, сè она по што е познат во светот и тоа не смее да го чепка никој. Но, во исто време сметам дека во некоја комплементарна форма има простор да се отвори едно мало прозорче што ќе внесе дополнителна свежина. Кога ќе ги видам статистиките, резултатите од минатата година, сигурен сум дека патот што го одиме води кон високи цели. Завршивме издание со рекорден број акредитирани гости, повеќе од 540, и е најпосетено издание досега. Програмата, бројот и изборот на филмови минатата година беа исклучително квалитетни. Лауреати, оскаровци, еминентни, наградувани автори, како Дариус Конџи, Воли Фистер, Семи Капланоглу, нашиот Кирил Џајковски, кои ги потврдуваат тежината и квалитетот на фестивалот. Членови на жиријата сочинети од интернационални докажани автори и македонски врвни филмски автори, кои беа исклучително квалитетни и суверени. Стотици еминентни гости, ценети автори од целиот свет. Подршката од Агенцијата за филм, Општина Битола, странските амбасади, голем број квалитетни странски и домашни компании, наши партнери, обезбедување генерален спонзор. Работилниците, мастер-класите, забавите и дружењата, кои го збогатија фестивалскиот дух, медиумското внимание, кое го привлековме од домашните медиуми, како и од голем дел интернационални еминентни медиуми, кои известуваа за фестивалот, а со тоа и милионските посети на нашите социјални мрежи од целиот свет за време на фестивалот. Сè ова е објективна цел и за оваа година, голема одговорност, која верувам дека ќе успееме да ја исполниме. Работиме интензивно, со јасна визија, фестивалот да продолжи да расте. Нашата цел е секое следно издание да ги надминува претходните не само во бројките туку и во суштината, во квалитетот, во влијанието. 

Кој сегмент од фестивалската програма за вас е најуспешен кадар на фестивалот?

- Селекцијата на филмови беше исклучително силна минатата година, внимателно курирана и со јасен авторски печат. Особено се гордееме на лауреатите Дариус Конџи, Воли Фистер, Семи Капланоглу, Кирил Џајковски, Благоја Куновски-Доре, кој го доби специјалното признание „Златен медал”, човекот кој е еден од најзаслужните за она што е „Манаки“ денес. Сè ова не се само ѕвездени моменти на фестивалот, туку суштински важни за неговиот кредибилитет. Кога такви автори доаѓаат во Битола, тоа значи дека фестивалот зборува на јазик што го разбира светската кинематографија. Истото важи и за жиријата, комбинацијата од врвни интернационални професионалци и наши врвни македонски автори, кои создадоа едно сериозно, суверено и кредибилно тело, кое носеше одлуки со тежина. Тоа е многу важно бидејќи довербата во фестивалот се гради преку луѓето што стојат зад него. Едукативниот и индустрискиот сегмент исто така значително се прошири, мастер-класите, работилниците и професионалните средби донесоа вистинска размена на знаење. Стотици еминентни гости, автори од Македонија и од целиот свет дополнително ги збогатија атмосферата и енергијата на фестивалот на нивото што го заслужува. Заедно со сите оние што доаѓаат и ја слават филмската уметност, публиката. Тоа е посебно друштво на вистински вљубеници во филмот. Тие ги креираат убавината и посебноста на фестивалот со нивната опуштеност, непосредната комуникација, дружењата, запознавањата, споделувањето на заедничките интереси и уметнички визии. Ова се дел од омилените крупни кадри на фестивалот на кој ја вративме програмата „Макпоинт“, по петгодишна пауза повторно го отпечативме фестивалскиот каталог и, секако, со задоволство и во оваа пригода говориме за делото што ни го остави нашиот еминентен уметник од светски калибар, Киро Урдин. И можеби најважното - тоа е нешто најдобро што се случува токму во Битола. Во градот кој природно го носи тој дух и кој на некој начин и понатаму го чува она што браќата Манаки го почнале - љубовта кон филмот.

Од каде ги црпите фестивалските новини? Како ја оценувате работата на стручните тимови околу Вас? Што прават тие во овој период? Можете ли од денешен аспект да најавите некоја фестивалска новина?!

- Заедно со Роберт Јазаџиски, извршниот директор, фестивалскиот координатор Катерина Габунија, програмерите Слаѓан Пенев, Марија Апчевска, Кумјана Новакова, Атанас Велковски, Ханис Багашов, програмскиот советник Мартин Иванов и сите други врвни професионалци, листата е навистина голема на исклучителниот тим на кој сум неизмерно благодарен. Над 50 соработници, компактен и квалитетен тим на професионалци, кои се подготвени за сите предизвици што произлегуваат додека се подготвува и реализира фестивалот, сите заедно успеавме да направиме атрактивно квалитетно издание, кое привлече многу внимание и реализира сè она што сега веќе по природен пат почнува да го најавува следното издание во уште посилно светло. Овој тим интензивно работи во подготвувањето на програмата цела година. Фестивалските новини, ако треба да бидам искрен, не се црпат од едно место, тие се собираат како слоеви. Дел доаѓа од внимателното следење на светската сцена, дел од директното искуство на светските фестивали, а дел од искуството и внатрешната потреба фестивалот да се движи напред. Дополнително, во овој период се одвива и еден од најинтензивните сегменти, прегледот на филмови што пристигнуваат преку отворениот повик за пријавување филмови. Сега веќе, за релативно кратко време од отворањето на повикот, имаме надминато повеќе од половина од вкупните бројки на пријавени филмови што сме ги имале во претходните години. Нашите процени се дека до јуни, кога треба да заврши повикот, ќе ја надминеме и максималната бројка на пријавени филмови досега, што е одлична и возбудлива вест за сите нас тука.

За ИФФК „Браќа Манаки“, кинематограферите се фестивалски фокус. Како ги поддржувате кинематограферите во подем? Патем, дали тоа го сметате и за Ваша поддршка кон дебатата за глобалната кинематографија?

- Ако ја разгледате историјата на фестивалот, ќе видите една многу интересна и за мене инспиративна линија, луѓе што доаѓале како млади автори, со свои филмови во селекција, како дебитанти или добитници на наградите „Камера 300“, а потоа години подоцна се враќаат како лауреати, членови на жири или предавачи. Тоа е, всушност, најискрената форма на поддршка, континуитетот. Фестивалот од секогаш ги негувал кинематограферите во подем, тоа е одно од многуте богатства на фестивалот. Тоа е во кодот на фестивалот. Оваа година сакаме да имаме повеќе фокус на младите кинематографери, оние во подем. Тие се важен сегмент, кој треба да се негува во рамките на фестивалот. Се надевам оваа година содржината од програмата ќе ја збогатиме и ќе опфати поголем број млади идни кинематографери, кои ќе бидат наши гости од 19 до 25 септември во Битола. Работиме на тоа да донесеме поголем број млади кинематографери во Битола, да им овозможиме директен контакт со врвни автори, пристап до мастер-класи, но и можеби најважното - да бидат дел од таа жива, неформална мрежа што се создава за време на фестивалот. Фестивалот „Браќа Манаки“ од своето основање има еден многу јасен и би рекол редок фокус: тоа е славење на уметноста, маестралноста на кинематограферот. И токму затоа поддршката на кинематограферите во подем не е нешто што ние дополнително го воведуваме, туку нешто што е вградено во самиот код на фестивалот. Вистинската вредност на „Браќа Манаки“ не е само да ги слави големите имиња, туку и да ги препознае оние што допрва ќе станат такви.

Дали се чувствува влијание од ИФФК „Браќа Манаки“ на филмските работници во окружувањето, пред сè, Балканот, но и генерално во Европа?

- „Браќа Манаки“ е ценет фестивал насекаде во светот, не само во регионот и Европа. Како прв и најстар фестивал во светот што ја слави уметноста на филмската камера е македонски бисер во филмскиот свет. Она што е важно е тоа што на фестивалот доаѓаат најголемите и најзначајни имиња од светот на кинематографијата. Оскаровци, големи автори на култни филмови, врвни уметници се гостите, предавачите и пријателите на „Манаки“. Со тоа тој е атрактивен за индустријата, за сите филмски автори и за публиката. Тоа е позиција што не може да се копира и, искрено, не може ни лесно да се достигне. Кога се има сето ова, се има и директниот контакт со врвот на индустријата. И кога тие луѓе поминуваат време во Битола, разговараат, држат предавања, се дружат со локални и регионални автори, тогаш се создава реално влијание. Особено на Балканот, мислам дека фестивалот има многу важна улога како точка на поврзување. Тој е место на кое авторите од регионот може да се сретнат со светската сцена. 

Дали, и ако да - колку новите технологии, па и ВИ (вештачка интелигенција) влијаат или ќе влијаат врз креативноста на кинематограферите?

- Фестивалот ја негува уметноста што ја создаваат директорите на фотографија. Веројатно некои автори користат разни алатки за креирање „муд бордс“, за креирање некои насоки што подоцна би можеле да бидат инспирација. Можеби ова прашање е добро да им се постави на нашите идни гости кинематографери од 19 до 25 септември во Битола. Фестивалот е место каде што тие разговори може да се одвиваат. Ова е тема што во моментот сите ги допира во филмскиот свет. Фестивалот „Браќа Манаки“ ја негува уметноста на кинематографијата во нејзината суштина. Но исто така би било наивно да се игнорира ВИ. 

Која е Вашата визија за иднината на ИФФК „Браќа Манаки“?

- Ние сме народ со богата културна историја и „Манаки“ е еден од најсилните симболи на таа култура. Тоа не е само фестивал, тоа е живо наследство, најстариот фестивал во светот што ја слави уметноста на филмската камера. И таа позиција не треба само да се споменува, туку да се оправдува со заложба од сите, со градење квалитет, со добра визија и со континуитет. Визијата е да го зачуваме она што го прави фестивалот автентичен, но истовремено да го развиваме во насока на современ, релевантен и влијателен европски и светски настан. Да имаме публика што не е само присутна, туку активна, љубопитна, вклучена, публика што ги полни салите и знае дека во тие неколку септемвриски денови Битола станува центар на филмскиот свет. И можеби најубавиот дел од таа визија се младите. Насмеани, љубопитни, талентирани луѓе, кои со нетрпение ги чекаат предавањата, разговорите, средбите со врвните автори. Тоа е моментот кога се создава иднината на филмот.

Мојата визија за „Браќа Манаки“ е, пред сè, визија за достоинствен фестивал. Фестивал што ги знае својата вредност, својата традиција и своето место не само во Македонија туку и во светот. ИФФК „Браќа Манаки“ да продолжи да биде препознатлив по својата уникатност, интимноста и посебниот шарм, кои само во Битола се доживуваат на тој начин. Да е врвен, најдобар фестивал во светот за кинематограферите. Наша, македонска гордост. 

ФОТО: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан