• среда, 14 јануари 2026

Децата суројчари ја продолжија традицијата во Дебар

Децата суројчари ја продолжија традицијата во Дебар

Дебар, 14 јануари 2026 (МИА) - По повод Православна Нова година, иако во многу мал број, деца суројчари во Дебар ја продолжија вековната традиција карактеристична за овој крај.

Тие ги посетија православните домови, пеејќи „сура, сура година, до година повесели“, а за убавите и искрени детски желби домаќините ги даруваа со пари и слатки.

Некогаш, кога во градот живееле голем број православни, имало повеќе групи по десеттина деца, но последните години традицијата ја продолжуваат само неколку дечиња.

Едно од нив годинава беше Иван Љубиновски, кој живее во Скопје, а зимскиот распуст го поминува кај баба му и дедо му.

- Многу се радувам на посетата на децата суројчари, кои кога доаѓаат на врата, го развеселуваат домот. Фала му на Бога што продолжува традицијата - вели Десанка Секуловска.

Објаснува дека суројцата, која главно ја прават бабите, но и мајките, направена е од страк од лозница, гранчиња од леска, дрен, даб и босилек заврзани со црвен конец.

Традицијата утврдена пред повеќе од три децении на кршење василичарска погача ја продолжија и дебранките. Погачата ја подготви Доста Штерјовска, кај која лани се падна паричката, а синоќа најсреќна беше Марија Василевска, која посака здравје, среќа, благосостојба, мир во светот и продолжување на традицијата. вт/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан