Десетгодишните леандри искастрени долж патеката од Нов до Стар Дојран
- Во рамките на оваа активност на Општина Дојран, искастрени се десетгодишните леандри, кои служат како зелен појас меѓу пешачката патека и регионалниот пат.
Дојран, 24 март 2026 (МИА) - Општина Дојран спроведе акција за уредување на пешачката и велосипедската патека покрај дојранското крајбрежје. Во рамките на оваа активност, како што информираат од јавното комунално претпријатие „Полин“, искастрени се десетгодишните леандри, кои служат како зелен појас меѓу пешачката патека и регионалниот пат. Исто така, клупите за одмор поставени долж истата патека се префарбани и поправени.
Заедно со комуналното претпријатие „Полин“, општинските власти ја санираа и фонтаната со фигура на девојката Дојрана во централното подрачје. Од „Полин“ најавуваат дека фонтаната е исчистена, поправена е пумпата за вода и осветлувањето и наскоро ќе биде пуштена во употреба.
На почетокот од овој месец, Општина Дојран склучи меморандум за соработка со казнено поправните установи од Струмица и Гевгелија, со цел да се врши работно ангажирање на осудените лица кои издржуваат казни во овие две установи.
Зелениот појас од леандри, чие одржување е во надлежност на Општината, е засаден со изградбата на вториот дел од патеката на потегот од Стар до Нов Дојран, кој се изгради пред десет години, во должина од 2864 метри и широчина четири метри и се состои од пешачка зона и простор за велосипедисти. Истата е продолжение на претходно изградената прва фаза, која пак, беше во должина од 2650 метри. рш/вј/
Фото: МИА