Делегација на ЕП на средби во Белград со опозицијата и со властите
- Претставниците на петте опозициски партии во српското Народно собрание денеска го повикаа Европскиот парламент континуирано да се ангажира во решавањето на кризата во Србија преку вонредни парламентарни избори, што ќе бидат фер и чесни.
Белград, 23 јануари 2026 (МИА) - Претставниците на петте опозициски партии во српското Народно собрание денеска го повикаа Европскиот парламент континуирано да се ангажира во решавањето на кризата во Србија преку вонредни парламентарни избори, што ќе бидат фер и чесни. Тоа го изјави шефот на пратеничката група на Зелено-левиот фронт, Радомир Лазовиќ, по средбата на опозицијата со делегацијата на ЕП во парламентот на Србија.
Лазовиќ, на прес-конференција по средбата на делегациите на ЗЛФ, Народното движење на Србија, Партијата за слобода и правда, Движењето на слободни граѓани и Србија центар со делегација на европратеници, рече дека е упатено барање Србија да го услови повлекувањето на парите од Планот за раст на Европската комисија со структурно спроведување на реформите.
Според него, тоа не значи дека опозицијата бара да се прекинат средствата за Србија, туку парите да одат кај невладините организации и медиумите кои ја вршат работата за демократизација на земјата.
Лазовиќ нагласи дека било повторено дека треба да се воведат персонализирани санкции за луѓе од владата, но и за новиот началник на Управата за криминалистичка полиција, Марко Кричко, кој беше споменат во Извештајот на ЕК.
Потпретседателката на Народното собрание, Марина Рагуш,(СНС) на прес-конференцијата изјави дека „во нејзината политичка кариера никогаш не доживеала такво непочитување од делегација во посета“, како што беше случајот денеска со делегацијата на ЕП.
„Денеска се појавивме на овој состанок затоа што делегацијата ја посети изложбата за Јасеновац. Затоа дојдовме“, рече Рагуш, истакнувајќи дека делегацијата на ЕП доцнела на состанокот со претставниците на властите, кој исто така бил скратен.
На прес-конференцијата во салата на Собранието, таа рече дека ја поздравиле оваа мисија со протестен тон затоа што, како што рече, мисијата за „утврдување факти“ не била подготвена да ги чуе фактите што властите сакале да им ги презентираат. Додаде дека тие веќе дошле тука со пресуда.
Рагуш оцени дека европратеникот Тонино Пицула е лош избор за известувач за Србија, бидејќи не е непристрасен, осврнувајќи се на неговата поддршка за опозициските струи во Србија.
Таа ги спомена и настаните во Србија во изминатата година, фокусирајќи се на „нападите врз партиските простории на СНС и непријавените протести“. Додаде дека поддржувачите на СНС биле дискриминирани врз политичка основа.
Таа рече дека за жал немале време да ја дискутираат ситуацијата во медиумите. Рагуш додаде дека тие ветиле дека оваа мисија има избалансиран став, додавајќи дека властите се свесни дека тоа не и одговара на Европа бидејќи не сака да го признае Косово. зш/сд/