Дванаесет млади поети ќе читаат на петтата „Отскочна даска“
- Дванаесет млади поети на возраст од 16 до 30 години се избрани да читаат на „Отскочна даска #5“, преднастан на шестиот „Скопски поетски фестивал“. На конкурсот пристигнаа 27 пријави, а интерното жири на фестивалот го направи изборот.
Скопје, 5 март 2026 (МИА) - Дванаесет млади поети на возраст од 16 до 30 години се избрани да читаат на „Отскочна даска #5“, преднастан на шестиот „Скопски поетски фестивал“. На конкурсот пристигнаа 27 пријави, а интерното жири на фестивалот го направи изборот.
Имињата на избраните 12-мина (по азбучен ред) се: Марија Алексовска, Вероника Димоска, Христијан Илиевски, Мартин Миљев, Васја Мицковски, Милена Неделковска, Деспина Сиљаноска, Елена Соколоска, Бојана Спасовска, Кире Џотов, Ива Шајноска и Ели Шапкарова.
Настанот ќе се одржи на 3 април, а самите поети учесници ќе имаат задача да го одберат најдобриот меѓу нив, кој ќе чита и на официјалното отворање на фестивалот на 7 мај, заедно со другите учесници во официјалната програма. Дополнително, со избраните поети ќе се одржи и работилница за уредување на песните, што пред почетокот на фестивалот ќе бидат објавени во посебно издание, заедно со песните на сите досегашни учесници на минатите изданија на „Отскочна даска“.
– Упатуваме голема благодарност до сите што ни ги пратија своите песни за прочит и би сакале да ги охрабриме да продолжат да пишуваат! Праќаме и покана до сите нив да дојдат на настаните во рамките на фестивалот, што со многу љубов и внимание ги подготвивме за публиката – велат организаторите.
Скопскиот поетски фестивал, чиешто шесто издание ќе се одржи во периодот од 7 до 9 мај, е поддржан од Министерството за култура и туризам.са/дма/
Фото: Скопски поетски фестивал