Гаши на конститутивната седница на Клубот на пратенички: Продолжете со вашата работа и посветеност, продолжете да го кревате гласот и да се борите за себе, вашите ќерки и за општеството
- Почитувани пратенички, вие сте главните чинители на оваа кауза, и затоа ве охрабрувам да продолжите со вашата работа и посветеност, да продолжите да го кревате гласот и да се борите за себе, вашите ќерки и за општеството. Затоа што, како што вели една позната поговорка, „Секогаш кога жената се бори за себе, таа се бори и за сите други жени“.
Скопје, 10 јануари 2025 (МИА) - Почитувани пратенички, вие сте главните чинители на оваа кауза, и затоа ве охрабрувам да продолжите со вашата работа и посветеност, да продолжите да го кревате гласот и да се борите за себе, вашите ќерки и за општеството. Затоа што, како што вели една позната поговорка, „Секогаш кога жената се бори за себе, таа се бори и за сите други жени“.
Ова е главната порака од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, во неговото обраќањен на денешната конститутивна седница на Клубот на пратенички.
- Но, на оваа поговорка што ја споменав, мислам дека и недостасува еден дел: „Кој се бори за жените, се бори за човештвото.“ И поради оваа причина, составот на ова тело, важноста на овој настан и благородноста на оваа кауза се неспоредливи. Мене ми останува само да ја изразам мојата почит и благодарност, па затоа мојот говор ќе го завршам со благодарност и со желби за успех во новиот период на нашата заедничка заложба за еднаквост и правда, рече Гаши и додаде дека оваа важна седница која ги одразува нашите заложби за промовирање и гарантирање на родова еднаквост.
Покрај организационата важност, според него, оваа конститутивна седница е можност да се размисли за досегашната работа на Клубот на пратенички, како и да се цени вредниот придонес во развојот на политиките за родова еднаквост.
Преку работата на ова тело, како што рече тој, беа усвоени суштински законски решенија со кои се регулираат различни прашања за дискриминацијата и насилството врз жените, па затоа, со најголема искреност, подвлече, им честитам за бескрајниот труд на Клубот на пратенички, како тело кое од 2003 година до денес, служи како активен гласноговорник во јакнењето на демократијата и како мост меѓу институциите, организациите и граѓаните, за да се обезбеди забележително унапредување на правата на жените и поправична застапеност во процесите на донесување одлуки.
- Исто така морам да нагласам дека, покрај достигнувањата, родовата еднаквост е повеќе од принцип на демократија – барем за мене – таа претставува морална и човечка обврска. Тоа е затоа што верувам дека, ниту едно општество не може да се нарече праведно и развиено ако не гарантира еднакви можности за жените и мажите. Општеството кое не обезбедува родова еднаквост е општество кое не го искористило својот полн капацитет и потенцијал и како резултат на тоа, неговиот развој е ограничен. Значи, само со обезбедување на целосна родова еднаквост, можеме да постигнеме одржлив развој, здраво и демократско општество, потенцира Гаши.
Тој смета дека борбата за родова еднаквост не треба да се перцепира само како борба на жените, туку како заеднички предизвик на нашето општество.
- Мажите треба да бидат рамноправни партнери и исто толку активни како и жените во оваа борба, бидејќи верувам дека придобивките што ги носи рамноправното општество не ги уживаат само жените, туку и мажите. Затоа денес, со посебен акцент, сакам да ја нагласам потребата и неизбежната улога што мажите ја имаат во менувањето на менталитетите, остранувањето на стереотипите и поддршката на жените во професионалниот, социјалниот и политичкиот живот. Само со заеднички ангажман можеме да создадеме општество каде секој поединец, без разлика на полот, има еднакви можности и се почитува за неговиот/нејзиниот придонес, истакна во обраќањето претседателот на Собранието.
Меѓу другото, додаде дека го охрабруваа ова тело во идните активности и заложби за унапредување на правата и јакнење на демократијата, да вклучи што повеќе мажи, било да се пратеници, експерти, претставници на институции, професори или обични граѓани.
Што се однесува до Собранието, рече тој, можете да бидете сигурни дека ние ќе продолжиме да ја поддржуваме во секоја форма, секоја иницијатива која служи за унапредување на родовата еднаквост, вклучително и создавање услови за обезбедување еднакво учество на жените во процесите на одлучување или зајакнување на можностите за жените во различни општествени и научни области.
- И јас, како претседател на Собранието, останувам целосно посветен на унапредување на законодавството кое ги гарантира правата на жените и, пред сè, обезбедува ефикасна заштита од секаков облик на дискриминација и насилство врз жените. Но, за да ги постигнеме овие цели, сакам да повторам дека потребна е инклузивност и соработка помеѓу сите актери – мажите и жените, Собранието и Владата, организациите и медиумите – бидејќи сите без исклучок имаат должности во овој процес. Денес, со конституирање на ова тело, Собранието отвора ново поглавје на институционална заложба во реализирањето на овие цели. Клубот на пратенички е и ќе биде голема поддршка за секоја иницијатива и акција која ќе донесе позитивни промени во нашето општество, рече Гаши. цр/дма/
Фото: Собрание на РСМ