• петок, 20 февруари 2026

Вучиќ на тематска седница на Владата: Светот се движи кон понатамошна фрагментација и конфликти

Вучиќ на тематска седница на Владата: Светот се движи кон понатамошна фрагментација и конфликти

Белград, 25 јануари 2026 (МИА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на тематската седница на Владата на Србија, денеска како прашање од суштинско значење го наведе зачувувањето и унапредување на стабилноста во земјата што според него, значи „целосно ангажирање на секој дел од државата“. Тој упати критики за работата на одредени јавни претпријатија и владини оддели.

Вучиќ, кој на тематската седница на Владата на Србија, учествува на покана на премиерот, Ѓуро Мацут, рече дека светот се движи кон понатамошна фрагментација и конфликти и дека повеќе не станува збор за поделба меѓу Западот и остатокот од светот, туку за значителна фрагментација во рамките на Западот.
- Toa e траен процес, наведе Вучиќ и додаде дека светот во 2026 година нема да биде помирен туку многу проблематично место за живот отколку што бил и во 2025 година. 

Вучиќ рече дека е потребен поголем напор за решавање на проблемите во земјата и им порача на членовите на Владата на Србија да не спијат додека не ги решат и дека српскиот премиер  треба да поднесе иницијатива до српскиот Парламент за смена на оние „министри кои нема да работат“.

„Ова значи целосно ангажирање на сите делови од државата, пред сè на владата, претседателот на Републиката, сите други. Уште еднаш, господине Мацут, како што ве замолив минатиот пат, да ги информирате министрите дека ако сакаат да бидат во владата во вакви тешки времиња, нема празници, нема наводно викенди кои не се работни денови од четврток навечер до понеделник наутро, што сите министри го применуваат кај вас или 90 проценти од нив, како што знаете и како што самите ме информиравте. Или тие ќе работат или вие ќе одите во Собранието со иницијатива за смена на министрите или јас ќе го направам тоа. Ви гарантирам дека ќе обезбедам мнозинство за нивна замена“, рече Вучиќ.

Покрај членовите на владата, на седниците присуствуваат и претседателката на Народното собрание Ана Брнабиќ, претседателката на покраинската влада Маја Гојковиќ, гувернерката на НБС Јоргованка Табаковиќ, претставници на српските вооружени сили предводени од началникот на Генералштабот Милан Мојсиловиќ, директори на јавни претпријатија.

Тој предложи да се формира мало оперативно тело што ќе се занимава со прашањата на европскиот пат на Србија. Тоа тело треба да работи секојдневно. Според него, во тој тим би биле вклучени министрите Немања Старовиќ, Синиша Мали, Ненад Вујиќ, како и претседателката на парламентот Ана Брнабиќ. „Тимот треба да го води Даниел Апостолоивиќ, амбасадорот од Брисел. Тој тим треба да обезбедува секојдневни извештаи за работата“, предложи Вучиќ.

Српскиот министер за финансии Синиша Мали на седницата изјави дека 132 земји го потврдиле своето учество на специјалната изложба Експо 2027 во Белград, нагласувајќи дека тоа ќе биде најголемиот настан во светот. Мали истакна три важни датуми - 29 јануари, кога имињата на маскотите за Експо ќе бидат претставени на јавноста, повик за волонтери за изложбата ќе биде објавен напролет, а продажбата на билети во Србија и светот ќе почне на 15 мај. зш/

Остани поврзан