• понеделник, 15 декември 2025

Второ гостување на ракометниот гигант Магдебург во Битола

Второ гостување на ракометниот гигант Магдебург во Битола

Битола, 25 ноември 2025 (МИА) - Германскиот ракометен гигант Магдебург, актуелен европски шампион, утревечер по втор пат ќе гостува во Битола.

Ракометните клубови Еурофарм Пелистер и Магдебург, во официјален европски натпревар, прв пат силите ги одмерија во сезоната 2020-2021, кога во осминафиналето од ЕХФ Европската лига, Германците остварија две победи од 35:24 во Магдебург и 32:24 во Битола.

Во четиридецениската меѓународна ракометна историја на Пелистер, во Битола гостувале скоро сите германски клубови и пред публиката настапиле Франкфурт, незаборавниот Лемго, потоа Фленсбург, Фуксе Берлин, Хановер и Рајн Некар Левен, а утревечер со посебно задоволство се очекуваат ѕвездите на актуелниот европски ракометен шампион Лукас Мертенс, Пабло Ланге, како и нивните интернационалци Лагергрин, Магнусон, О’Суливан, Бергендал и други ракометари на кои ќе им се спротивстават Кузмановски, Пешевски, Манасков, Митревски...и секако „чкембарите“ како „осми“ играч.

Дуелот од осмото коло во европската Лига на шампионите меѓу Еурофарм Пелистер и Магдебург е закажан за утревечер во 20:45 часот, а ќе го судат Марио Рудински и Борис Мандак од Словачка. мт/зс/

Фото: МИА

Остани поврзан