Втор ден самит на „Македонија 2025“: Лидерството и довербата се клучни за иднината во ера на глобални промени и вештачка интелигенција
- Значењето на лидерството во услови на кризи и притисоци, улогата на компаниите и институциите во задржување на талентите, како и влијанието на вештачката интелигенција во образованието, пазарот на труд и иднината на работните места, беа во фокусот на вториот ден од самитот на „Македонија 2025“, што се одржува со мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување на лидерство“.
Скопје, 13 мај 2026 (МИА) - Значењето на лидерството во услови на кризи и притисоци, улогата на компаниите и институциите во задржување на талентите, како и влијанието на вештачката интелигенција во образованието, пазарот на труд и иднината на работните места, беа во фокусот на вториот ден од самитот на „Македонија 2025“, што се одржува со мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување на лидерство“.
Претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш“, Светозар Јаневски, порача дека лидерството не може да се гради врз страв, туку врз доверба и заедничка визија. Посочи дека во најтешките моменти за компанијата, на почетоците кога го презел управувањето со „Тиквеш“, одбил масовни отпуштања бидејќи, како што рече, „кога луѓето се плашат, тоа не е добро за компанијата“.
- Не треба да бидеме просечни, треба да бидеме најдобри или ќе пропаднеме - порача Јаневски осврнувајќи се на трансформацијата на „Тиквеш“ од локална компанија во регионален и престижен интернационален бренд.
Генералниот директор на „ЕВН Македонија“, Волфганг Маер, потенцира дека успешните организации не се градат само врз стратегии и документи, туку врз луѓе што веруваат во заедничката визија. Повикувајќи се на мислата на францускиот писател автор на „Малиот принц“, Маер рече: „Ако сакате да изградите брод, не давајте им задачи на луѓето, туку научете ги да сонуваат за морето“.
Според него, најважно е луѓето да си ја сакаат работата што ја работат и да чувствуваат дека придонесуваат кон нешто вредно и корисно.
- Лидерите мора да носат одлуки. Некогаш и погрешна одлука е подобра од никаква. Ако луѓето немаат доверба во вас, никој нема да ве следи - истакна Маер посочувајќи дека младите генерации денес бараат компании кои се чесни, транспарентни и имаат јасна цел.
Во завршницата говорниците со пораки за потребата од поголема соработка и заедничка визија за регионот. Според Јаневски, Балканот може да напредува само преку партнерство и заедничко дејствување, особено во контекст на европската интеграција. Маер, пак, нагласи дека Европа мора повторно да се фокусира на иновациите, на новите технологии и на вештачката интелигенција, која мора да се гледа како можност, а не како ризик.
Свое обраќање на самитот имаше и глобалниот стратег за лидерство, Рон Томас, кој говореше за драматичните промени што вештачката интелигенција ги носи во образованието, работните места и во начинот на функционирањето на компаниите. Томас истакна дека светот влегува во период во кој традиционалните модели на образование и кариера повеќе нема да бидат доволни и дека сите, без разлика на образованието и професионалното искуство, ќе мора континуирано да учат и да се адаптираат.
- Не е важно какво образование имате. Во иднина сите ќе мора секој ден да учиме по нешто ново - порача Томас.
Тој предупреди дека вештачката интелигенција веќе суштински го менува пазарот на труд посочувајќи ги примерите со големи глобални компании, кои најавуваат масовни кратења на работни места, но и позитивни примери на преквалификација на вработените. Како пример ја посочи ИКЕА, која, наместо отпуштања, некои од вработените ги преквалификува за нови позиции и задачи во компанијата.
- Вештачката интелигенција не може да се игнорира. Стариот начин на работа повеќе нема да функционира - истакна Томас.
Во текот на вториот ден од самитот се одржаа и панели и дискусии посветени на иднината на работата, вештачката интелигенција, улогата на дијаспората како стратешки капитал, лидерството, иновациите и развојот на младите таленти.
Меѓу говорниците на денешната програма на самитот се и Дејзи Иларија, Кати Ицева, Војдан Карапетковски, Томаш Лауко, Мартин Марс, Алек Ицев, д-р Јелена Беговиќ, Тамара Станковиќ, Ѓорѓи Филиповски, Дарко Фиданоски, Вал Јусуфи, Емил Христов, Тања Михајловска-Димитриевска, Џери Наумоф, Митре Кутановски, коосновач на „Македонија2025/Фондација „'Атанас Близнакоф'“, ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, како и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој се обрати во рамките на завршната сесија на самитот.
Со дискусии фокусирани на лидерството, иновациите, дигиталната трансформација и потребата од поголема соработка меѓу институциите, бизнисот и дијаспората, самитот на „Македонија 2025“ и годинава ја потврдува својата улога како една од најзначајните регионални платформи за идеи, партнерства и иницијативи насочени кон економски раст, модернизација и глобално поврзување на Македонија. бак/са/
Фото: самит Македонија 2025