• петок, 15 мај 2026

Водата е нашето најголемо природно богатство, изјави еврокомесарката Екатерина Захариева во видеообраќање на европскиот самит HEALTHXCHANGE 2026 во Златни Песоци

Водата е нашето најголемо природно богатство, изјави еврокомесарката Екатерина Захариева во видеообраќање на европскиот самит HEALTHXCHANGE 2026 во Златни Песоци

Златни Песоци, 12 мај (МИА/БТА) – Водата е нашето најголемо природно богатство, рече еврокомесарката за старт-ап претпријатија, научни истражувања и иновации, Екатерина Захариева, во видеообраќањето на европскиот самит на високо ниво HEALTHXCHANGE 2026, кој се одржува во хотелот „Грифид Ноа“ во одморалиштето Златни Песоци.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Според нејзините зборови, Бугарија е меѓу водечките земји во светот по бројот и капацитетот на минералните извори, а до 2030 година светската побарувачка за вода ќе ги надмине расположливите ресурси за 40 проценти.

Таа истакна дека Европската комисија веќе усвоила стратегија за одржливост на водните ресурси, насочена кон подобро управување со водите и зголемување на конкурентноста и иновациите во европските компании.

„Европа веќе е светски лидер во областа на водните технологии. Водниот сектор во ЕУ генерира 107 милијарди евра и обезбедува 1,7 милиони работни места“, додаде Захариева.

Еврокомесарката го нагласи значењето на природните лековити ресурси и СПА центрите за исполнување на клучните европски приоритети, како што се здравствената превенција, квалитетот на животот, достоинственото стареење, поддршката за руралните средини и одржливите иновации.

„Наместо да ги лекуваме болестите, важно е да им помогнеме на луѓето да останат здрави“, изјави Захариева, посочувајќи дека според истражувањата, голем дел од кардиоваскуларните заболувања, дијабетесот тип 2 и дел од онколошките заболувања можат да се спречат преку профилакса и превенција.

Таа исто така забележа дека науките за животот се меѓу приоритетите на Европската комисија, бидејќи тие се во основата на здравството, производството на храна и биопроизводи и имаат клучна улога за конкурентноста на Европа. Според неа, Европската стратегија за науките за животот има за цел да го забрза воведувањето на иновациите и да ја претвори Европа во лидер во овој сектор до 2030 година.

„Токму од вашите дискусии и одлуки ќе зависи како ќе го искористиме овој потенцијал – за подобра превенција, развој на регионите и поттикнување на иновациите во здравството“, им се обрати Захариева на учесниците на форумот.

___________________________________________________________________________________________________________________________________________

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Фото: ЕПА

Остани поврзан