Воведени припејд дигитални картички за јавниот автобуски превоз во Тетово
- Тетовското општинско претпријатие за јавен превоз стави во функција систем за електронска наплата и припејд картички „ТЕ КЛИК-припејд“. Воедно овие картички за жителите на Општина Тетово може да се добијат и бесплатно, ако граѓаните приложат исплатени комунални сметки и поднесат апликација преку системот „ТЕ КЛИК“.
Тетово, 12 февруари 2026 (МИА) - Тетовското општинско претпријатие за јавен превоз стави во функција систем за електронска наплата и припејд картички „ТЕ КЛИК-припејд“.
Овие картички жителите на Општина Тетово може да ги добијат и бесплатно, ако приложат исплатени комунални сметки и поднесат апликација преку системот „ТЕ КЛИК“.
По поднесувањето на апликацијата, картичката се подигнува лично во просториите на ЈП „Тетово Транспорт“, по што корисниците ќе можат бесплатно да го користат јавниот превоз.
- Оваа одлука има за цел да ја награди граѓанската одговорност и истовремено да го олесни урбаното движење за различни категории граѓани. Ова претставува конкретен чекор кон пофункционален и поправеден град, во кој одговорноста се вреднува и се претвора во реални придобивки за граѓаните, институциите и организациите – ветување што денес го претвораме во реалност, изјави на денешната промоција градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.

Во рамки на системот предвидена е и категорија „Ј“ – наменета за учениците од основните и средните училишта во општина Тетово и категорија „К“ за институции и организации кои имаат потпишано договор за соработка со општината.
- Воведуваме нова дигитална и модерна фаза со тоа што граѓаните ќе имаат дигитални картички за користење на јавниот превоз. Има дигитална картичка за сите граѓани кои може да го користат јавниот превоз бесплатно, но треба да аплицираат онлајн преку апликацијата ТЕ-КЛИК, истакна Арлинд Пајазити од ТЕ-КЛИК.
Градоначалникот Касами најави дека во соработка со Владата, ќе се обезбедат пет електрични автобуси за јавниот превоз во рамки на општинското подрачје. ас/паг/
Фото: МИА