• вторник, 13 јануари 2026

Во Кавадарци настан посветен на фудбалерот Андреј Лазаров кој трагично загина во несреќата во Кочани

Во Кавадарци настан посветен на фудбалерот Андреј Лазаров кој трагично загина во несреќата во Кочани

Кавадарци, 12  јануари 2026 (МИА) -  Изложба на фудбалски дресови на успешни тиквешки и македонски таленти, беше отворена вечерва во Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ Кавадарци. Изложените дресови се дел од колекцијата на Николчо Делов, посветена на спортските успеси, пријателствата и човечките приказни што произлегуваат од Тиквешијата и пошироко и го освојуваат светот.

-Претставени се 50 автентични спортски дресови од фудбал, ракомет, кошарка, одбојка и пингпонг – дресови, што ја надминуваат својата улога на спортска опрема и стануваат носител на приказна за личен и колективен успех, симбол на упорност, талент и дисциплина, успех и припадност кон заедницата од која потекнуваат, беше кажано во галеријата при Домот. 

Притоа беше истакнато дека настанот е посветен на Андреј Лазаров, фудбалер кој трагично загина во несреќата во Кочани. 

-Тој остави длабок белег во поновата спортска историја на градот Кавадарци, споделија од Културниот дом. 

Во името на Дом на култура Кавадарци, директорот Методи Глигоров рече дека му претставува исклучителна чест  да ја отвори изложбата.

-Собраните во галеријава, сме сведоци на една приказна што се ткае од спорт, пријателство, човечка истрајност и длабока припадност кон заедницата. Оваа изложба зборува за патиштата што започнуваат локално, а водат кон светот, но и за врските што никогаш не се прекинуваат со местото од кое се потекнува, рече Глигоров. 

Тој истакна дека Николчо Делов е човек кој љубовта кон спортот ја претворил во тивка, но моќна мисија. 

-Неговата колекција е збир на доверба, пријателства и почит. Секој дрес носи трага од еден животен пат, од еден сон што успеал да се оствари, но и од една заедница што стои зад тој успех. Благодарност за несебичниот придонес на Николчо Делов, довербата и соработката при реализацијата на изложбата, со која преку спортот се афирмираат вредностите на упорноста, заедништвото и човечката инспирација, нагласи директорот. 

 Тој подвлече дека со оваа изложба, личната колекција на Николчо и животната посветеност станаа значаен дел од културната и спортската меморија на градот Кавадарци.

-Домот на култура, преку оваа изложба, уште еднаш ја потврдува својата определба да биде простор каде што културата се отвора кон сите облици на човечко творештво – вклучително и спортот, како универзален јазик што обединува, охрабрува и инспирира. Ова е изложба што зборува и за инклузијата, за видливоста и за достоинството на секој поединец, без разлика на предизвиците со кои се соочува, рече Глигоров. 

Тој додаде дека посебна, тивка, но длабока е и посветата на оваа изложба на Андреј Лазаров. 

-Неговото име останува впишано во колективната спортска меморија на градот, а оваа вечер е наш начин да ја сочуваме таа спомен-вредност со почит и благодарност.Сакам искрено да им се заблагодарам на сите кои придонесоа за реализацијата на овој настан.  Поканувам оваа изложба да ја доживеете со чувство – како простор на сеќавање, каде дресовите не се само спортска опрема, туку носители на животни приказни и заеднички вредности и инспирација, рече Глигоров. 

Марина Убавкова како куратор и координатор на овој проект, рече дека оваа изложба претставува повеќе од културен настан.

-Таа е простор каде што спортот, личните приказни и колективната меморија се среќаваат и се надополнуваат. Простор каде што еден дрес престанува да биде само спортска опрема и станува носител на животна приказна, на труд, на упорност и на припадност. Изложбата што вечерва ја отвораме произлезе од искрена, долготрајна и човечка посветеност кон спортот, но и од желбата тие приказни да бидат видени, споделени и зачувани како дел од културната меморија на нашиот град и регион, истакна таа. 

За Делов, роден 1975 година во Кавадарци, таа рече дека е човек кој уште од најрана возраст го гради својот животен пат преку спортот – како игра, како поддршка, како начин на надминување на личните и физичките ограничувања.

-Колекцијата, која денес брои повеќе од 60 автентични спортски дресови, е создадена органски, низ пријателства, почит и долготрајни врски со спортисти кои потекнуваат од Тиквешијата и поширокиот македонски простор, а своите кариери ги оствариле надвор од локалниот контекст. Неговата колекција не е создадена со намера да биде изложбена, туку е резултат на децении пријателства, почит и поддршка кон спортистите кои потекнуваат од Тиквешијата и пошироко, а своите успеси ги оствариле на национално и меѓународно ниво, истакна Убавкова. 

Притоа додаде дека неговата животна приказна, неговата љубов кон спортот и неговата човечка посветеност се темелот врз кој е изградена оваа изложба. Таа подвлече дека секој дрес е сведоштво за личен успех, но и за заедничка припадност – кон градот, регионот и спортскиот дух што ги обликувал. За дресовите рече дека се изложени како носители на меморија, идентитет и вредности: упорност, солидарност, пожртвуваност и заедништво.

-Посебна емотивна димензија има посветата на изложбата на Андреј Лазаров, фудбалер кој трагично го загуби животот во несреќата во Кочани, оставајќи длабок белег во поновата спортска историја на Кавадарци. Неговиот дрес, присутен на самиот настан, ја симболизира врската меѓу личната загуба и колективната меморија. Во поширок контекст, изложбата ја отвора и темата за инклузијата на лицата со инвалидност во спортот. Николчо Делов повеќе од триесет години активно работи на развојот на спортот за лица со телесна инвалидност во Кавадарци и Македонија, бил прогласуван за спортист на градот и е капитен на македонската фудбалска репрезентација за лица со телесна инвалидност, сподели Убавкова. 

Таа рече дека оваа изложба што воедно е и приказ на спортските успеси, истовремено е визуелно и емотивно сведоштво за спортот како универзален јазик – јазик што ги поврзува луѓето, ги надминува границите и создава трајни човечки вредности.

Во своето обраќање кон присутните, Делов со многу емоции раскажа како во детството, иако со инвалидност, секогаш бил инклузиран во спортските игри. 

-Спортот ме изгради како човек, но истовремено, преголемата посветеност кон спортот понекогаш ми носеше и мали проблеми и мали кавги во семејството. Андреј беше злато дете и никогаш нема да биде заборавен, рече Делов. 

На настанот беа присутни и блиски на Лазаров. свд/вј/

Фото: МИА 

Остани поврзан