Во Велес промовиран прирачникот „Ориентација во природа“ од Ангелче Гушев
- По повод 22 Февруари, Светскиот ден на извидниците и роденденот на основачот на скаутското движење, сер Роберт Баден Пауел, во Велес беше промовиран прирачникот „Ориентација во природа“ од м-р Ангелче Гушев.
Велес, 26 февруари 2026 (МИА) – По повод 22 Февруари, Светскиот ден на извидниците и роденденот на основачот на скаутското движење, сер Роберт Баден Пауел, во Велес беше промовиран прирачникот „Ориентација во природа“ од м-р Ангелче Гушев.
Промоцијата на ова значајно дело од областа на извидничката литература на македонски јазик, беше еден од настаните што ги реализираше извидничкиот одред „Димитар Влахов" во локалната библиотека „Гоце Делчев“.
Рецензија на прирачникот даде Бојан Миклош, член на старешинството на одредот, кој ја истакна неговата практична применливост, стручноста во обработката на материјалот и важноста од систематска обука на младите извидници во оваа област.
Свој осврт даде и авторот Гушев, претседател на ИО „Димитар Влахов“ и професор по физичко.
-Прирачникот како основа, е исклучително корисен за извидници кои имаат малку предзнаења во тематиката, за да започнат да се обучуваат во оритенација и топографија. Структурата на прирачникот е јасна, содржината систематска, а објаснувањата го застапуваат принципот на систематичност и постапност. Ова го прави прирачникот одлично средство за обука на нови генерации извидници, како и за доусовршување на искусни членови на извидничките одреди, појасни Гушев.
Тој воедно, потсети за значењето и континуитетот на извидничкото движење во Велес, кое повеќе од седум и пол децении активно делува и воспитува генерации млади луѓе. ад/вг/
Фото Локална библиотека „Гоце Делчев“