• сабота, 21 февруари 2026

Вицепремиерот Сали на средба со ирскиот амбасадор Вард: Потврдена поддршката за европската перспектива

Вицепремиерот Сали на средба со ирскиот амбасадор Вард: Потврдена поддршката за европската перспектива

Скопје, 19 февруари 2026 (МИА) - Одличните и пријателски односи меѓу Република Северна Македонија и Република Ирска, како и заедничката определба за нивно понатамошно продлабочување, биле потврдени на средбата на вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали, со амбасадорот на Ирска во нашата земја, Брендан Вард.

Сали, како што соопштија од неговиот Кабинет, се заблагодарил за принципиелната поддршка што Ирска ја дава на политиката на проширување и на европската перспектива на нашата држава.

Тој ја нагласил силната посветеност на Владата на реформската агенда, особено во областите на владеење на правото, јавната администрација и зајакнување на демократските институции.

На средбата биле разгледани можностите за унапредување на билатералната соработка, вклучително и преку инструментите на Европската Унија, програмите „Твининг“ и TAIEX, како и преку директни партнерства за јакнење на административните капацитети.

Од Кабинетот на министерот за европски прашања информираат дека Министерството останува целосно посветено на натамошно зајакнување на партнерството со Ирска во поддршка на европската интеграција на Северна Македонија. дма/вг/

Фото: Кабинет на министерот за европски прашања

Остани поврзан