• петок, 30 јануари 2026

Вело родео во Пехчево

Вело родео во Пехчево

Пехчево, 5 септември 2025 (МИА) – Во дворот на деветолетката „Ванчо Китанов“ во Пехчево денеска се одржа Вело Родео, настан кој ги врати детската радост и позитивната енергија, но и ја истакна важноста на одржливиот начин на живот и заштитата на животната средина.

Настанот го реализираше Вело Училишта, со поддршка и финансиска помош од Општина Пехчево, како дел од програмата за култура спорт и образование

Според организаторите, целта е најмладите и нивните семејства да го доживеат велосипедот како еколошка, здрава и забавна алтернатива за секојдневна мобилност.

– Со Вело Родео сакаме да покажеме дека велосипедот не е само играчка, туку и најеколошко превозно средство.Детската радост и нивната вклученост денеска потврдуваат дека иднината на одржливиот транспорт почнува од најмладите, изјавија од Вело Училишта.

Под мотото „Играј, учи, вози!“, Вело Родео понуди богата и интерактивна програма. Децата имаа можност да ги вежбаат своите велосипедски вештини и да ги научат основните правила за безбедно возење, да се забавуваат со друштвени игри и вело меморија кои развиваат логичко размислување и моторика, а воедно и да ги проверат своите велосипеди. 

Во рамки на настанот беше организирана и изложба на детски цртежи инспирирани од темата „велосипедски град“, преку кои се афирмира креативноста и љубовта кон природата. Дополнително, во соработка со Детски едукативен центар ЖАБЕЦ и Сојузот на извидници на Македонија, се реализираа LEGO активности и извиднички игри што ја поттикнаа креативноста, тимската работа и соработката меѓу децата.

Од Општина Пехчево изразија задоволство што вакви иницијативи се одржуваат во градот. 

– Општината ќе продолжи да поддржува вакви настани кои ги едуцираат најмладите, но и придонесуваат кон развој на свеста за здрава животна средина. Пехчево е вистинското место за вакви активности и горди сме што денеска го почувствувавме тој позитивен дух, порачаа од Општина Пехчево. вс/лв/

фото: МИА архива 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан