• понеделник, 23 март 2026

Велбек го продолжи договорот со Брајтон до крајот на сезоната 2026/27

Велбек го продолжи договорот со Брајтон до крајот на сезоната 2026/27

Брајтон, 3 март 2026 (МИА) – Фудбалерот на Брајтон, Дени Велбек, ја активираше опцијата во својот договор за уште една сезона, што значи дека ќе биде во клубот до крајот на сезоната 2026/27, објави  Би-би-си.

Договорот на 35-годишниот Англичанец истекуваше на крајот од сезоната 2025/26.

Велбек потпиша нов двегодишен договор со Брајтон во 2024 година, но постоењето на оваа опција не беше откриено. Имаше значителна неизвесност околу неговата иднина, но поранешниот напаѓач на Манчестер јунајтед и Арсенал сега останува во Брајтон.

Велбек е најдобар стрелец на тимот со 11 гола на 30 натпревари, од кои последниот го постигна во победата од 2:1 над Нотингем Форест во Премиер лигата. Неговите настапи му обезбедија место во трката за враќање во репрезентацијата на Англија пред Светското првенство. 

Селекторот на Англија, Томас Тухел, призна дека сериозно размислувал за Велбек пред квалификациите во ноември.

Менаџерот на Брајтон, Фабијан Хирцелер, во последните недели постојано ја искажуваше својата желба да го задржи Велбек. Играчот се приклучи на Брајтон во октомври 2020 година и оттогаш постигна 48 гола на 191 натпревар. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан