Бројот на жртви во пожарот во Пакистан се искачи на 60
- Речиси 60 лица се потврдени како мртви во огромниот пожар во трговски центар во Пакистан, соопштија денеска официјални лица, а спасувачите сè уште бараат исчезнати тела откога десетици трупови беа пронајдени преку ноќ.
Исламабад, 22 јануари 2026 (МИА) – Речиси 60 лица се потврдени како мртви во огромниот пожар во трговски центар во Пакистан, соопштија денеска официјални лица, а спасувачите сè уште бараат исчезнати тела откога десетици трупови беа пронајдени преку ноќ.
Градскиот службеник Џавед Наби изјави дека останките од 30-ина лица се откриени неколку дена откога пожарот избувна во јужниот град Карачи во саботата.
„Веруваме дека 30-ина лица сè уште се водат за исчезнати“, рече службеникот за спасување, Мохамед Амин. „Нема надеж да се најде некој жив“.
ДНК-тестирањето на останките, претежно екстремитети и коски, се спроведува за да се идентификуваат мртвите, изјави полицискиот хирург Сумаја Саид предупредувајќи дека процесот може да трае со денови.
Пожарот избувна во повеќекатен трговски центар заробувајќи десетици продавачи и купувачи во комплексот, кој немаше излези за итни случаи.
На стотици пожарникари им беа потребни повеќе од 24 часа за да го изгаснат пожарот и оттогаш во тек е операција за спасување.
Трговскиот центар доби одобрение за 400 продавници, но беше преполн со речиси 1.200, многу од нив снабдени со облека, козметика, електрични апарати и хемикалии.
Пожарите во станбени и комерцијални згради се чести во Пакистан, каде што многу високи згради работат без сертифицирани противпожарни и безбедносни системи.
Противпожарните служби честопати имаат недостиг од персонал и се слабо опремени, што ја ограничува нивната способност да реагираат на вонредни состојби од големи размери. мс/јт/
фото: ЕПА